Emre Sahinol
17 Септември 2019•Ажурирај: 19 Септември 2019
САМСУН (АА) - Макс Буа (24), пред три години од Нова Каледонија тргнал на пат околу светот во надеж дека на тој пат ќе ја открие тајната како да се биде добар човек, јавува Anadolu Agency (AA).
Моментално се наоѓа во Бафра, Турција, во која дошол автостоп.
Со оглед на тоа дека преферира престој во помали места, Бафра била совршена за продолжување на неговото патување. Таму дошол откако се запознал со Супхан Фејза Бекташ, која, како и тој сака да патува низ светот, а досега посетила повеќе од 30 земји. Буа во моментот работи во кафуле чија сопственичка е Бекташ, со надеж да заработи пари за да го продолжи своето патување.
Буа за АА изјави дека пред три години од Нова Каледонија заминал во Франција, а потоа автостоп преку Италија, Белгија, Германија... Тој вели дека досега поминал повеќе од 40 земји.
Стопирањето му овозможило да се запознае со различни луѓе и култури.
„На ова патување настојувам да осознаам какви карактеристики има најдобриот човек на светот. Поради тоа патувам низ светот и настојувам да го добијам одговорот како да водам правилен начин на живот“, изјави Буа.
Тој додаде дека со Супхан стапил во контакт преку социјалните мрежи и дека ѝ кажал дека сака да помине одредено време во Турција.
„Десет дена сум тука, среќен сум, но мислам дека наскоро ќе го продолжам својот пат“, изјави Буа.
Следна станица му е Бугарија.
„Не знам каде ќе одам по Бугарија, но ќе патувам додека не го пронајдам одговорот како да се биде добар човек“, изјави Буа.