свет, живот

Повреден американски државјанин во Газа го повикува Вашингтон да го извлече

Јусеф Абу Шабан (18) е Палестинец кој има американско државјанство и моментално е на лекување во болницата Ал-Шифа во Газа, откако неговиот семеен дом беше погоден во израелски воздушен напад

Ahmed Asmar  | 20.10.2023 - Обновена : 31.10.2023
Повреден американски државјанин во Газа го повикува Вашингтон да го извлече

ГАЗА (АА) - Американски државјанин, кој живее во Газа, бара од американската Влада да го евакуира него и неговото семејство од Газа, откако бил повреден во израелски воздушен напад врз неговата семејна куќа во Газа, јавува Анадолу.

Јусеф Абу Шабан (18) е Палестинец кој има американско државјанство и моментално е на лекување во болницата Ал-Шифа во Газа, откако неговиот семеен дом беше погоден во израелски воздушен напад.

Во израелскиот воздушен напад загина неговата 14-годишна сестра Јоуд, а двајца членови на семејството се повредени.

„Ние сме цивили, но бевме подложени на израелско бомбардирање од многу проектили“, изјави Јусеф за Анадолу.

„Ја повикувам американската Амбасада да ме евакуира мене и моето семејство што е можно поскоро“, рече тој.

Јусеф додаде дека Амбасадата побарала од американските граѓани во Газа да одат кон преминот Рафа, јужна Газа, за да ги евакуираат, но тоа не се случило.

Тој истакна дека неговото семејство и тој отишле во засолниште во училиште поврзано со Палестинската агенција за бегалци на ОН или УНРВА, но не останале бидејќи таму немало здравствена заштита и храна, и биле принудени да се вратат во нивниот дом, кој бил погоден од израелските воени авиони.

- Американците заглавени во Газа -

Стотици американски граѓани се заглавени во Газа и чекаат да се отвори преминот Рафа за да бидат евакуирани преку Египет.

Како што јави Њујорк тајмс, во Газа има меѓу 500 и 600 американски државјани.

Се додава дека американските власти се во контакт со повеќето од нив и ги информирале за нивните напори за отворање на преминот Рафа.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, изјави дека САД водат разговори со Египет и Израел за безбеден коридор за цивилите да ја напуштат Газа.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и блокада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, повеќестран ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел по копно, море и воздух. Се наведува дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.

Газа се соочува со тешка хуманитарна криза, нема струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.

Според податоците на Министерството за здравство, бројот на загинати во Газа за време на израелските бомбардирања порасна на 4.137, а бројот на повредени на 13.300, додека над 1.000 лица се водат како исчезнати.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.