Ramzi Mahmud,Mahmut Geldi
30 Јануари 2024•Ажурирај: 31 Јануари 2024
ГАЗА (АА) – РАМЗИ МАХМУД -
Палестинците на северот на Појасот Газа, каде што не може да влезе хуманитарна помош поради израелската забрана, преживуваат така што ја мелат и јадат сточната храна, пишува Анадолу.
Израелската војска од 7 октомври минатата година врши континуирани напади врз Појасот Газа, каде што живеат околу 2,3 милиони луѓе. Палестинците, покрај борбата за живот поради израелските напади, се борат и да ги преживеат гладот и жедта. Тие се во блокирана енклава каде што не влегува помош.
Стотици илјади луѓе во северниот дел на Појасот Газа, каде што недостигаат основни прехранбени продукти поради израелските бомбардирања и целосната блокада што трае околу четири месеци, исто така, се борат со гладот.
Луѓето во северниот дел на Газа страдаат од болести поврзани со неисхранетост.
Според податоците на палестинското Министерство за здравство, околу 600.000 Палестинци на северот се во опасност од смрт поради глад и болести, како и од израелското бомбардирање.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во ноември 2023 година објави дека сите што живеат во Појасот Газа се изложени на „несигурност во храната“ поради блокадата што ја воведе Израел од 7 октомври.
Во рамките на договорот за „хуманитарна пауза“ постигнат меѓу Хамас и Израел беше дозволено влегување на хуманитарна помош во северните региони на една недела, почнувајќи од 24 ноември.
По хуманитарната пауза во ноември, администрацијата на Тел Авив одби влегување на каква било помош за Северна Газа до почетокот на јануари.
Според Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), ограничената количина хуманитарна помош што влегува во Појасот Газа не може да ги задоволи потребите ниту на седум отсто од луѓето.
Аватиф ал-Бесјуни, еден од стотиците илјади Палестинци во северниот дел на Газа, рече дека мораат да мелат и да јадат сточна храна.
„Живееме во многу тешки услови. Покрај војната, нѐ убиваат и гладот и студот“, рече Ал-Бесјуни.
Истакнувајќи дека во Северна Газа нема брашно за правење леб, Ал-Бесјуни рече:
„Децата не можат да најдат храна. Затоа моравме да мелеме сточна храна.“
Наведувајќи дека се борат со гладот, овој Палестинец побара од арапските и исламските земји да извршат притисок врз Израел.
„Запрете ја војната во Газа, спасете го народот во Газа кој се бори со уништување и глад“, порача Ал-Бесјуни.
Хасан Шереф, жител на регионот Тел Затер во северниот дел на Газа, рече дека нема зборови со кои може да се опише моментната ситуација во северниот дел на Појасот Газа, каде што веќе нема храна.
„Ситуацијата е навистина трагична, нема што да се јаде и сѐ е уништено. Понекогаш минуваат 48 часа без ништо да јадеме“, вели Шереф.
Наведе дека најпогодени од недостигот на храна се децата што досега не ни знаеја што значи војна и блокада.
„Сонуваме за бело брашно и леб. Тоа е нашиот сон. Лицата и личноста на луѓето во северниот дел на Газа се сменија бидејќи станаа послаби од гладувањето. Сретнувам многу луѓе што не можам да ги препознам затоа што толку многу се променети“, раскажа Шереф.
Додаде дека на тоа подрачје има починати од глад и студ.
Палестинката Ум Асад ел Кетри, која пече леб во куќа уништена во израелското бомбардирање на бегалскиот камп Џабалија, рече дека немаат ни минимални услови за живот.
„Овој леб е направен од храна за птици“, рече Кетри.
Таа додаде дека лебот е тврд, но дека се обидуваат да го омекнат и на тој начин да ги нахранат децата.