Abdullah Tevge
09 Јануари 2024•Ажурирај: 10 Јануари 2024
ГЛАЗГОВ (АА) - АБДУЛА ТЕВГЕ -
Навивачите на Селтик, кои отворено зазедоа став против нападите на Израел врз Газа, истакнуваат палестински знамиња на натпреварите низ Европа, јавува Анадолу.
Навивачите на шкотскиот фудбалски клуб, на кои во еден момент им беше забрането да излезат на трибините поради казни од сопствениот клуб за поддршката на Палестина, велат дека ќе продолжат да ги поддржуваат Палестина и угнетениот народ.
Со носењето палестински марами, знамиња и беџови на секој натпревар, навивачите истакнуваат дека насилството и репресијата врз Палестинците мора конечно да запрат.
- Навивачи на Селтик -
Мартин Флимн, навивач на Селтик, за Анадолу изјави дека палестинското прашање е нешто посебно за нив.
„Таа тема е нешто посебно за нас. Имаме слични животни искуства. Селтик е основан од луѓе што го преживеале гладот. Може да се опише и како геноцид. Тогаш луѓето биле гладни. Но Османлиите им праќале храна. Затоа некои од нашите фудбалски клубови носат полумесечина на својот грб“, изјави овој навивач.
Тој рече дека верува оти децата што живеат во Палестина имаат своја иднина без оглед на многуте проблеми.
„Сакаме да бидат среќни и безбедни цел живот и сакам да дојдат на нашиот стадион Селтик Парк и да ги гледаат натпреварите. Нека ги гледаат натпреварите овде. Зошто не? Зошто да немаат исти можности како моето дете?“, вели Флимн.
Навивачот Џо Мекена истакнува дека казнетите навивачи продолжиле да ги веат палестинските знамиња штом се вратиле на трибините.
„Тие мавтаа со палестински знамиња. Мислам дека проблемот е што тие поставуваат прашање од ова. Зошто е проблем знамето на Палестина? Зошто украинското знаме не е проблем?“, изјави овој навивач на Селтик.
Во ноември минатата година клубот им забрани на некои навивачи да доаѓаат на натпревари со суспендирање на нивните сезонски билети заради истакнувањето на знамето на Палестина на трибините.
Селтик беше казнет со 17.500 евра на крајот на ноември затоа што неговите навивачи вееја стотици палестински знамиња на стадионот за време на натпреварот од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид.
УЕФА ја образложи казната со тоа што носењето палестински знамиња беше протолкувано како „провокативна порака од навредлив карактер“.
За време на натпреварот навивачите на Селтик ги истакнаа и транспарентите „Слобода за Палестина“ и „Победа на отпорот“.
Најжестоките навивачи на Селтик, Зелена бригада, и покрај казните изјавија дека планираат да веат палестински знамиња на натпреварите и бараат поширока поддршка од навивачите.
„Бараме поддршка од Селтик за да останеме верни на етосот на основањето на клубот и да застанеме на страната на угнетените“, изјавија претходно од оваа навивачка група.
- Клубот e основан во 1888 година -
Селтик е клуб од Глазгов основан во 1888 година. Негов најголем успех е освојувањето на Купот на шампионите (денешната Лига на шампиони). Домашните натпревари ги игра на Селтик Парк. Најголем ривал на Селтик е градскиот клуб Ренџерс Ф.
Првична цел на клубот беше да собере пари за добротворна организација за борба против сиромаштијата. Името Селтик беше избрано за да ги одрази ирските и шкотските корени на клубот.
Селтик е познат по своите зелени и бели дресови со хоризонтални линии. Клубот има милиони навивачи, а има неколку стотици фан клубови на Селтик во десетици земји низ светот.
Најжесток навивач на Селтик е групата позната како Зелена бригада. Навивачите на Селтик беа неколкупати наградувани за примерно однесување, навивање и оригинална кореографија.