Ekipa
05 Ноември 2021•Ажурирај: 07 Ноември 2021
МЕДЕЛИН (АА) - Уникатната зграда „Монако“, која беше дом на најпознатиот трговец со дрога во светот, Пабло Ескобар Гаврилиа, урната е во февруари 2019 година, на чие место се направи меморијален парк во спомен на неговите жртви, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во јануари 1988 година, автомобил-бомба со 80 килограми динамит експлодира пред зградата предизвикувајќи серија напади помеѓу наркокартелите во градот Меделин.
Властите во Колумбија изградија Меморијален центар „Инфлекшн“, Меморијален парк на местото на зградата „Монако“ во Ел Побладо, oпштина во Меделин, за да им се оддаде почит на жртвите на трговијата со дрога во текот на крвавата војна помеѓу наркобосот и државата во 1980-тите и 1990-тите години во Колумбија.
На патеката на хероите во паркот има атриуми со цитати од луѓе, примери за следните генерации.

Муралот кој е долг повеќе од 70 метри, каде што има над 46 илјади вдлабнатини, ги претставува жртвите. Посетителите можат да положат цвеќе, оддавајќи почест кон овие луѓе. На задниот дел од ѕидот постои хронолошка линија со над 200 трагични настани, бомби и напади, со што се истакнува фактот дека Колумбијците не сакаат да ги заборават тие моменти како наравоучение да не се повторат истите грешки во иднина.
Дрвото кое остана во паркот ја претставува издржливоста и духот на луѓето, кои секогаш останувале на земја, и покрај неволјите, не сакајќи да ги игнорираат корените или местата од каде што дошле.
Во периодот помеѓу 1983 до 1994 година регистрирани се над 46 илјади жртви.
Низ годините, илјадници туристи го посетија Меделин за да ги видат најсимболичните места поврзани со најозлогласениот наркобос.