Adem Şalvarcıoğlu
05 Септември 2016•Ажурирај: 06 Септември 2016
ЏAКАРТА (АА) – 146-годишниот Мбах Гото, кој живее во градот Сраген, дел од провинцијата Јава во Индонезија, ќе биде пријавен за достигнување рекорд во Гинисовата книга на рекорди, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Дирекцијата за население во Сраген изјавија дека била поведена постапка за утврдување на точниот датум на раѓањето на жителот Гото, кој не се сеќава кога точно е роден.
Од раководството во Дирекцијата за население изјавија дека дошле до информацијата дека Гото има 146-години. На стариот жител му е дадена лична карта на која го пишува неговиот датум на раѓање како 31. декември 1870, и со ова се подготвуваат да аплицираат во Гинисовата книга на рекорди како најстара личност во светот.
За тоа дали Гото е најстариот човек во светот ќе одлучи меѓународен комитет, кој ќе биде назначен од страна на Гинис.
Во изјава за АА, внукот на Гото, Мас Сурјанто вели: „Единствено нешто на коешто се сеќава дедо ми во врска со неговата возраст е отворањето на фабрика за шеќер во 1880 година, за време на холандскиот колонијализам. Во утврдувањето на неговата возраст на одговорните најмногу им помогна тоа што дедо ми рече дека кога присуствувал на отворањето на фабриката имал 10 години. Здравствената состојба на дедо ми во однос на неговата возраст е многу добра. Поради тоа што има проблеми со видот, не гледа телевизија, меѓутоа постојано слуша радио“.
Објаснувајќи дека тајната за долг живот е во трпението и во позитивниот поглед кон животот, Гето истакнува дека видот му е оштетен и не може да гледа, но и поради тоа што физички се чувствува уморно, често посакува да почине.
Старецот кој живее и води скромен живот во една куќа во Сраген, рече дека пред 24 години, кога тој наполнил 122, неговите внуци му купиле гробно место.
Гото, кој во својот живот се женел 4 пати, ги загубил своите сопруги, деца, браќа и сестри. Тој има 17 правнуци од своите 12 внуци.
Во моментов титулата на најстар човек ја има италијанската државјанка Ема Морано, со своите 116 години старост. Лицето за кое се знаеше дека е најстаро во светот е французинот Жан Луиз Калмент, кој кога почина, на 4. август 1997, имаше 122 и пол години.