Ivana Ramadanova
07 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Според последните податоци на Државниот завод за статистика по повод 8. Март - Меѓународниот ден на жената, од вкупниот број на население во Македонија, 49,9 проценти се жени, а тие во просек живеат 3,9 години подолго од мажите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во 2015 година имало 282.078 вработени жени, а од нив 76,3 проценти биле вработени во компании во приватна сопственост. Над 95 проценти од вработените жени се вработени со цело работно време“, се вели во извештајот.
Од Државниот завод за статистика соопштуваат дека во однос на мажите, поголем е и бројот на дипломирани жени, односно 57,1 процент, како и бројот на жени магистри, односно 58,6 проценти, а дека во Македонија во 2015 година имало 143 жени доктори на науки.
„Од сите домашни активности на жените, 16 проценти отпаѓаат на чистење на станот, а просечно дневно поминуваат по 1 час и 50 минути во гледање телевизија. Оние жени што имаат деца трошат по 1 час и 57 минути на нивно згрижување“, стои во извештајот.
Податоците покажуваат дека во однос на слободното време, вработените жени во текот на денот поминуваат 15 проценти во слободни активности, а невработените жени 21 процент.
„Во урбаните средини жените просечно дневно поминуваат по 2 часа и 16 минути на забава и култура, додека жените во руралните средини на овие активности трошат по 1 час и 13 минути. По 1 час и 41 минута се одвојуваат и за шетање домашни миленици“, покажуваат податоците.
Во Македонија, жените најчесто се одлучуваат да родат по едно или по две деца, а според истражувањата, најчестото женско име е Марија.