СКОПЈЕ (АА) - Во Деир ал-Балах во Појасот Газа е поставен шатор за следење на настава, со цел поддршка на децата што останале сирачиња како последица на израелските напади, јавува Анадолу.
Во големиот шатор, уреден како училница, децата седат на клупи и следат настава од волонтери наставници.
Наставничката по Англиски јазик, Малак Азам, рече дека децата пропуштиле две години од школувањето и на почетокот се мачеле со латинските букви, но почнале да напредуваат.
Таа истакна дека деструктивното однесување на училиште станало почесто во споредба со периодот пред војната, поради психолошката состојба кај децата како последица на конфликтот.
Маџд Абу Убајд, палестинско девојче кое живее во кампот, рече дека секојдневниот живот останува тежок, дури и за основните потреби како што е водата.
Таа изрази надеж за крај на војната, враќање на основните права и враќање во своите домови без страв или тага.
Трета година по ред, над 650.000 деца во Појасот Газа се лишени од формално образование, според Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA).
Нарушувањето на школувањето не е само образовен јаз, туку и значајна пречка за заздравување од длабоката траума предизвикана од конфликтот.
Од октомври 2023 година, во израелските напади се убиени речиси 68.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, а енклавата во голема мера e непогодна за живот.
Според Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања (OCHA), нападите делумно или целосно уништија 97 % од училишните згради во Газа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
