Furkan Abdula
20 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
СКОПЈЕ
Наставниците од турски наставен јазик при СОУ Гостивар соопштија дека од 17 септември ја бојкотираат наставата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Причината за бојкотот е затворањето на една паралелка на турски наставен јазик во Гостиварската гимназија“, се вели во соопштението на наставниците.
Во соопштението се потсетува дека во ова училиште наставата се изведува на три наставни јазици, и дека почнувајќи од 1956 година во Гостиварската гимназија непрекинато се изведува настава и на турски наставен јазик.
„Имаме предвид дека во учебната 2021/2022 година при уписот во турските паралелки имаме пораст на бројот на нови ученици, а од друга страна се соочуваме со затварање на една паралелка во прва година што е неприфатливо за нас“, се наведува во соопштението.
Се нагласува дека во учебната 2021/2022 година при упис на ученици на албански наставен јазик сите 102 запишани се примени во 7 паралелки; на македонски јазик од пријавени 19 ученици 16 се примени во 2 паралелки, додека на турски наставен јазик од 62 пријавени ученика 54 се примени во две паралелки наместо како досега во три паралелки што ги имале изминативе дваесет години.
„Со други зборови процентуално гледано во паралелките на албански наставен јазик имаме 14,5 ученика во една паралелка, кај македонските паралелки имаме по 8 ученика во една паралелка. Додека на турски наставен јазик со укинувањето на едната паралелка имаме по 27 ученика во една паралелка. По оваа очигледна разлика и направената нерамноправност наместо отворање на третата паралелка што ја имавме во изминатите 20 години се соочуваме со затварање на истата, така што од надлежните институции бараме безусловно враќање на третата паралелка“, се додава во соопштението.
„Неправдата која ни е направена е класичен пример на етничка дискриминација“, се наведува во соопштението, во кое се истакнува дека поради овие причини сè додека паралелката нема да се врати и неправдата не се исправи, ќе бојкотираат до исполнување на нивните барања.

- Реакции
Претседателот на Турското движење за национално единство (ТМБХ), Ердоган Сарач, на прес-конференција реагираше во врска со овој случај, при што изрази целосна поддршка и солидарност со наставниците.
„Од Министерството за образование и наука на Северна Македонија бараме итно да го реши овој проблем земајќи ги предвид нашите права и слободи врз основа на правдата и законите“, нагласи Сарач.
Во соопштението на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУИСЕБ) објавено во име на претседателот Хусрев Емин, се наведува дека остро го осудуваат затворањето на една паралелка на турски наставен јазик и дека го поддржуваат овој бојкот.