Zylfije Adem Jakupi
20 Септември 2021•Ажурирај: 21 Септември 2021
ПРИШТИНА
Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека воспоставувањето реципроцитет за издавање привремени таблички не е желба на Косово, туку наметнување од страна на Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Собранието на Косово, Курти зборуваше за денешниот почеток на примената на одлуката за издавање на привремени регистарски таблички на граничните премини за возила со регистарски таблички од Србија.
Тој рече дека на 15 септември Косово престанало да издава регистарски таблички КС, бидејќи од тој датум тие веќе не важат во Косово.
„Пет дена по истекувањето на рокот предвиден со договорот за слобода на движење, Министерството за внатрешни работи ги презеде неопходните дејствија во врска со одземањето на сите нелегални таблички на територијата на Република Косово, како и на сите гранични премини. Без оглед на националноста на сопствениците на возилата со неважечки регистарски таблички, тие се одземаат“, рече Курти.
Како што нагласи, на сите возила со српски регистарски таблички што влегуваат на граничните премини во Косово ќе им бидат издадени привремени регистарски таблички.
Тој потсети дека техничкиот договор меѓу Косово и Србија за слобода на движење бил постигнат во 2011 година и финализиран во Брисел на 14 септември 2016 година, и оттогаш Косово ги применило сите свои обврски, вклучително и олеснување на процесот за регистрација на возилата.
„Едно од олеснувањата беше продолжувањето на важноста на регистарските таблички на КС за пет години, поточно до 15 септември 2021 година, кога беше рокот за отстранување и употреба на овие таблички, како и табличките со кратенки КМ за Косовска Митровица, ПР за Приштина, УР за Урошевац, ПЗ за Призрен и ГЛ за Гњилане“, рече Курти.
Премиерот рече дека одлуката не е насочена против српските граѓани на Косово, ниту пак има за цел да ја загрози нивната слобода на движење или да предизвика каква било дестабилизација. Тој нагласи дека очекува сите граѓани да разберат дека денес не се случува ништо незаконско или дискриминаторски.
„Денес само почнува примената на договорот со кој Србија се согласи со помош на ЕУ, бидејќи слободата на движење е човеково право и европска вредност. Затоа барам од српските граѓани да го продолжат својот секојдневен ритам без никакви грижи дека нивните права ќе бидат загрозени. Сите вие сте еднакви граѓани на оваа земја со сите права и обврски“, рече Курти.
Премиерот Курти оцени дека воспоставувањето на реципроцитет за издавање на привремени регистарски таблички не е желба на Косово, туку е импонирано од другата страна, а граѓаните на Косово веќе десет години плаќаат за привремени регистарски таблички за влез во Србија.
Тој рече дека Косово не сака привремени таблички, но дека сè додека се на српска страна, ќе има и на косовската страна.
Во одлуката за издавање на привремени регистарски таблички, што се прави на сите гранични премини на Република Косово, возачите на возилата се должни да постават привремени регистарски таблички на видливи места, пред и зад возилото. Валидноста на привремените регистарски таблички е 60 дена, и тие чинат 5 евра.