Zylfıje Adem Jakupı
20 Јануари 2020•Ажурирај: 21 Јануари 2020
ПРИШТИНА (AA) – Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денеска го декретира лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, за мандатар за формирање на новата Влада на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тачи наведе дека по приемот на предлогот за мандатар за формирање на Владата на Косово, декретот за именување мандатар официјално го проследи до Собранието на Косово.
„Ова е многу важен чекор за создавање нови институции и уставниот рок за формирање на Владата на Република Косово почнува денеска“, напиша Тачи на својот фејсбук-профил.
Косовскиот претседател објави и фотографија на документот во кој го декретира Албин Курти за кандидат за примирјето за формирање нова влада на Косово. Во документот пишува дека од денеска, кога документот е потпишан, тече рокот од 15 дена за претседавање на владиниот Кабинет и неговото изгласување.
Претходно денеска Движењето Самоопределување на претседателот Тачи му го достави предлогот Албин Курти да биде мандатар, додека Курти преку видеопорака објавена на Фејсбук им се обрати на граѓаните на Косово, изјавувајќи дека предлогот би требало да биде испратен по постигнување договор со Демократскиот сојуз, но договор сѐ уште нема.
Курти рече дека не е прифатен последниот предлог на челниците на ЛДК, на оваа партија да ѝ припадне местото претседател на Собранието, бидејќи Глаук Конјуфца веќе е избран на таа позиција на конститутивната седница на 26 декември минатата година. Курти нагласи дека нема враќање во минатото, но сепак изрази верување дека двете партии можат да се вратат на преговарачка маса, бидејќи тоа им е обврска кон граѓаните. Најави и дека ќе се состане со претставниците на малцинските партии.
Самоопределување на изборите освои 29, а ЛДК, 28 пратеници од вкупно 120 пратеници во Собранеито. За избор на Владата на Косово е потребно просто мнозинство или 61 глас, така што овие две партии, во случај на постигнување договор сметаат на гласовите на пратениците од помалубројните етнички заедници. Во случај да не се постигне договор, Самоопределување може да предложи малцинска Влада.