ПРИШТИНА (АА) - Пратениците на Собранието на Косово ја изгласаа новата Влада на Косово на чело со премиерот Албин Куртин, лидерот на Движењето Самоопределување", јавува Агенција Анадолија (АА).
Новата Влада на Косово избрана е со 66 гласа „за" и 10 „воздржани" од 120 пратеници на Собранието на Косово. Пратениците од опозицијата ја напуштија салата пред гласањето. Покрај пратенците на „Самоопределување" и Демократскиот сојуз на Косово, партиите кои постигнаа договор за владејачката коалиција, за избор на владата гласаа и повеќето пратеници од бошњачката, турската, ромската, ашкалииската и египќанската заедница.
Десет пратеници од Српската листа не гласаа за Владата, иако во неа имаат двајца министри како што е пропишано со Уставот на Косово, но претходно се согласија нивните министри да бидат во владата.
Откако Владата е избрана премиерот и членовите на кабинетот положија заклетва, а новиот косовски премиер Курти се обрати пред пратениците истакнувајќи дека денес е отворено ново поглавје за Косово.
Тој рече дека денес не победија само Движењето „Самоопределување" и Демократскиот сојуз на Косово, туку сите граѓани на Косово. Истакна дека дојде времето интересот на Косово да биде над личните интереси на одредени поединци од власта.
„Косово е независна држава и тоа е премисата на секој дијалог и епилог, на секој договор. Ние заедно тежнееме кон членството во ЕУ и НАТО, унапредување на соработката, приближување и интеграција со Албанија и зачувување и негување на сојузништво и партнерство со Соединетите Американски Држави", рече новиот косовски премиер.
Курти на почетокот на седницата претставувајќи ја владината програма, рече дека ќе запре корупцијата во институциите и дека ќе се води борбата против корупцијата во општеството, вклучувајќи и проверка на судиите и обвинителите. Најави воведување на задолжителна воена служба од три месеци, за да се зајакнат Косовските безбедносни сили на патот кон членството на Косово во НАТО.
Програмата на Владата на Курти предвидува казнување на воени злосторства, формирање на институтот за документација на злосторствата, а ќе биде подготвена и тужба против Србија за злосторствата извршени во Косово. „Косово ќе има сериозна надворешна политика и оваа влада ќе биде влада на интеграција во ЕУ", порача Курти.
Исто така, истакна дека е спремен да води дијалог со Србија.
„Дијалогот ќе се води за билатералните прашања и за добро соседство, вклучувајќи го прашањето на исчезнатите лица, воени и окупациски репарации, суксесија на пораншена Југославија во рамките на која Косово беше федерален елемент, како и за меѓусебното признавање на двете држави", рече Курти и додаде дека со Србија ќе биде вратен полн комерцијален, економски и политички реципроцитет.
Буџетот на Косово во текот на нашиот мандат ќе се зголеми на три милијарди евра и истакна дека новата Влада ќе биде влада на штедењето на јавните пари.
„Како што гледате покрај мене ќе бидат 15 министри, а не 21 како што беше претходно. Имаме 33 заменик министри, а не повеќе од 80 како претходно. Всушност, помалку трошење на фунцкии и привилегии, за да трошиме повеќе на развојни проекти", рече Курти.
Тој наведе дека новата Влада ќе биде влада на економскиот развој и вработување, со што ќе запре заминувањето на младите луѓе од земјата. Курти порача дека ќе преземе мерки за субвенции за вработување, посебно на младите и жените.
Премиерот на Косово Албин Курти по претставување на програмата, го соопшти и составот на неговиот кабинет. Заменици на премиерот се Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово и Хаки Абази од Движењето „Самоопределување".
Министри од „Самоопределување" во новата влада се: министер за надворешни работи Глаук Конјуфца, за правда Албуена Хаџиу, за финансии Бесник Бислими, за економија Розета Хајдари, за здравство Арбен Витиа и за европски интеграции Блерим Река.
Министри од ЛДК се Агим Велиу за внатрешни работи, за инфраструктура и животна средина Лумир Абдиџику, за земјоделство, шумарство и рурален развој Бесиан Мустафа, за образование, наука и технологии Хикмете Бајрами, за култура, млади и спорт Влора Думоши и за обрана Антон Куни.
Три министерства им припаднаа на немнозинските заедници. Министер за заедници и враќање е Далибор Јефтиќ од Српска листа, кој и досега ја извршуваше оваа функција. Министерот за регионален развој е Иван Милојевиќ од Српска листа, додека министерка за администрација за локална самоуправа е Емилија Реџепи во име на несрпските, немнозинските заедници.
Во распарава која траеше повеќе саати пратениците од опозициските партии го критикуваа досегашното делување на Албин Курти и изразија сомнеж дека владината програма ќе биде реализирана.
Според коалицискиот договор местото на претседателот на Собранието му припаѓа на Демократскиот сојуз на Косово, додека Глаук Конјуфца, кој на 26 декември е избран за претседател на Собранието, ќе премине во Владата.
Договорено е и дека за претседателот на земјата ќе се разговара кога ќе му истече мандатот на сегашниот претседател Хашим Тачи, на пролет 2021 година. На тој начин двете партии направија одредени отстапки за да дојде до договор.
news_share_descriptionsubscription_contact
