Furkan Naci Top
09 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
ПОЛИКАСТРО (АА) – Барателите на азил, кои со месеци се во исчекување во бегалските кампови во близина грчко-македонската граница, поради губење на трпението и истрошените парични средства се во потрага по начин за враќање во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Мигрантите, кои по затворањето на границите за мигрантите се принудени да чекаат на грчките острови, поради прекинување на рутата од Турција преку Грција до европските држави, се жалат на животните услови на островите и на долгата процедура.
Триесет и осумгодишната Худа Абдулах, која четири месеци престојува во пограничниот камп во близина на една бензиска станица, изјави дека нејзиниот сопруг претходно успеал да стигне во Германија.
„Немаме веќе сила за да го издржиме престојот тука. Да најдам некој начин во моментот, веднаш би се вратила. Како може да го изведеме тоа, не знам. Никој не дојде до нас, да не извести за било што. Имам и деца за кои се грижам сама. Сопругот не е со мене. Ни здодеа веќе”, истакна Абдулах, која во кампот престојува заедно со своите три деца.
„Сега тука опстојуваме само со малкуте пари што ни ги испрати сопругот од Германија, но тие ќе се потрошат, и што потоа? Во Турција барем имавме каков таков живот. И тој ни избега од рака. И сопругот планира да се врати, откако јас ќе се вратам во Турција“, раскажува Абулах од Сирија, која претходно три години живеела и опстојувала во Кахраманмараш заедно со својот сопруг, кој вршел фарбаро-молерски услуги.
- „Четири семејства тргнаа на пат“ -
Омер Џемил од сирискиот град Алепо, кој заедно со жената и двете деца престојува во кампот, ни раскажа дека ги истрошиле сите пари што ги заработиле во текот на седуммесечниот период на престој и работа во една фабрика во Кајсери, Турција. Џемил раскажа дека тргнале на пат за да стасаат кај роднините во Германија.
„Ова тука ли е Европа? Со месеци сме тука. Поднесовме и пријава, но никој ниту се јавува ниту прашува за нас. Ќе чекаме уште две недели. Доколку не наидеме на некое решение, ќе се вратиме во Турција“, рече Џемил.
Џемил при тоа додаде дека сe на крај со трпението поради тешките услови за живот со малкуте пари кои им преостануваат.
„Да имавме бар некоја работа тука, можеби ќе останевме да чекаме една година, но ја немаме таа можност. Условите за живот се тешки и во официјалните кампови. Сите познаници кои отидоа таму не се задоволни. Не ни преостана друго решение”, додаде тој.
„Во раните утрински часови четири семејства тргнаа на пат оттука, кон границата со Турција. Оттаму ќе преминат некако. И ние наскоро ќе се обидеме по истиот пат”, рече Џемил, истакнувајќи дека некои семејства уште од сега почнале да се враќаат.
По затворањето на Балканските граници во месец февруари, вкупниот број на бегалци кои се наоѓаат во камповите во близина на грчко-македонската граница, заедно со оние во внатрешноста на Грција, изнесува 57 илјади лица.