Şenhan Bolelli
28 Август 2019•Ажурирај: 29 Август 2019
БУНОЛ (АА) - Во месноста Бунол, во градот Валенсија во источна Шпанија, околу 22.000 луѓе учествуваа на фестивалот „Ла Томатина“, кој оваа година се одржува по 74-ти пат. Во меѓусебната „битка“ со домати учесниците употребија 145.000 килограми домати, пренесува Anadolu Agency (AA).
Фестивалот „Ла Томатина“, кој започна како забава за младите во Бунол, во последните години се претвори во настан кој дава придонес кон шпанскиот туризам.
За илјадниците луѓе собрани во центарот на градот, во 7 камиони беа дистрибуирани 145.000 килограми домати.
Бројни туристи, од различни делови на светот, и локалните жители се забавуваа, фрлајќи со домати еден кон друг на едночасовниот настан.
На крајот од битката со домати, илјадниците луѓе беа покриени со црвена боја од доматите. Тие се обидоа парчињата домати од себе да ги исчистат со цревата пуштени од балконите на куќите и со помош на работниците од Општината.

- За туристите поделени 17.000 влезни билети, а 5.000 за жителите на Бунол -
За да се спречи стампедото од 2013 година, Општината Бунол и организаторите на фестивалот го ограничуваат учеството.
Организаторите на фестивалот за локалните жители на Бунол, кои бројат околу 9.000, обезбедиле 5.000 влезници, а преостанатите 17.000 влезници се за странските туристи кои во градот доаѓаат за фестивалот „Ла Томатина“.
Лицата што влегуваат на улиците каде што се води битка со домати поминуваат низ безбедносни проверки, и не им е дозволено да носат остри предмети. Исто така, за да нема повреди, луѓето се предупредуваат пред да ги фрлат доматите да ги смачкаат со рака.
- Не се познати првите почетоци на фестивалот -
Нема точни информации за тоа како започнал фестивалот „Ла Томатина“, кој се одржува секоја година во последната среда од месец август, во Бунол.
Според мислењата, фестивалот започнал кога младите фрлале со домати врз еден уличен музичар, кој пеел на Градскиот плоштад или пак, за време на тепачката настаната меѓу две групи во Бунол на еден настан од културата. Тие за време на тепачката еден на друг фрлале со домати.
Фестивалот „Ла Томатина“, со одлука на шпанскиот Парламент, во 2002 година од забава за млади во еден мал град се претвори во „национална културна вредност“, која обезбедува значителен економски приход за регионот и промоција на туризмот во земјата.