Ayhan Şimşek
02 Септември 2022•Ажурирај: 04 Септември 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија не е во позиција целосно да го замени рускиот гас на краток рок, изјави синоќа канцеларот Олаф Шолц, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на прашања на граѓаните на настан во Есен, Шолц рече дека неговата влада ќе продолжи да презема чекори за да ја прекине нејзината енергетска зависност од Русија, но целосното прекинување на набавката на гас од оваа земја не е нешто лесно изводливо.
„Ние нема да го направиме ова од наша страна, не мислам дека ова ќе биде многу одговорен потег. Но ние сме, исто така, подготвени за какви било контрареакции“, рече социјалдемократскиот политичар, мислејќи на прекините во снабдувањето со гас поради тензиите со Русија околу Украина.
Оваа недела Русија ја прекина испораката на гас за Германија преку гасоводот „Северен тек“, наведувајќи ја како причина неговото одржување. Но, неколку германски политичари ја обвинија Москва дека го користи гасот како оружје за да изврши притисок врз Берлин.
Шолц нагласи дека Германија веќе презела големи чекори во последниве месеци за да развие алтернативи за рускиот гас и сега гради терминали за течен природен гас за увоз на ЛНГ од други земји.
Тој, исто така, рече дека во Европа се водат дискусии за изградба на нови гасоводи, кои би можеле да носат гас од Африка и Блискиот Исток, но нагласи дека за сиве овие напори ќе биде потребно време.
Пред војната во Украина, Русија испорачуваше 55 отсто од германскиот природен гас, но Владата успеа да ја намали таа зависност на 26 отсто во јуни, според официјалните податоци.
Берлин планира да ја намали оваа бројка на максимум 10 отсто до летото 2024 година.