Zülfiya Yakup
12 Декември 2015•Ажурирај: 13 Декември 2015
ПРИШТИНА (АА) - Овој месец во Приштина е промовиран Стопанскиот центар за секторот земјоделство “Balkans Expo-Free Zone”, чиј инвеститор е турската фирма “Ahas energy”. Станува збор за еден од најголемите потфати и инвестиции на Турција во секторот на земјоделството, како најперспективната гранка на косовското стопанство, јавува Anadolu Agency (AA).
Центарот е сместен во објект на периферијата на Приштина а во дијаметар од 1,5 километри околу него работат пет најголеми трговски центри. Објектот има површина од 6.000 метри квадратни затворен дел и 5.000 метри квадратни отворен простор.
Агим Муфтиу, координатор на проектот “Balkans Expo-Free Zone”, кој е претседател на Управниот одбор на Фондацијата на производители и бизниси на Косово “BIKOS”, во разговор за Anadolu Agency истакна дека нацрт проектите се направени од страна на “BIKOS” и “Ahas energy” од Турција, во соработка со Стопанската комора на Косово.
Муфтиу објасни дека во овој деловен објект ќе бидат сместени преставништвата на околу 100 фирми од Турција и земјите на Балканот, кои ќе ги пласираат своите производи на косовскиот и балканскиот пазар.
„Овде, од семе до агромезанизација, косовските производители ќе имаат сè на дофат на рака. Во план е во што пократок рок да се оформи лабораторија за испитување на земјиштето и квалитетот на земјоделските производи. Овој потфат, кој го започнавме, е на иницијатива на Министерството за економија на Турција, со помош на најголеите турски производители и фирми“, рече Муфтиу.
Центарот, додава координаторот на проектот, е замислен не само како обична трговија, туку како и заедничка трговија со косовски и балкански фирми.
Се очекува Центарот со половина капацитет да започне со работа во текот на првото тромесечие од 2016 година, а со полн капацитет до јуни наредната година. Планирано е и организирање на разни семинари за земјоделие. Со Стопанската комора на Косово веќе е договорено организирањето на два меѓународни саема за земјоделство во саемскиот простор во близина на Приштина.