Merve Özlem Çakır
28 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
АНКАРА (AA) – Турскиот министер за земјоделство, храна и сточарство, Фарук Челик денес во Анкара се состана со потпретседателот на Владата и министер за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Расим Љајиќ, кој престојува во дводневна посета на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот е разговарано за билатералните и за регионалните теми, а домаќинот на средбата, Челик, ја нагласи важноста на правењето чекори што придонесуваат кон мирот и стабилноста на регионот и повтори дека Турција ја поддржува Србија во процесот на интеграција во Европската Унија.
„Нашата билатерална трговска размена бележи позитивен тренд, и во 2016 година таа изнесуваше 870 милиони долари, а од тоа, размената на земјоделските производи беше во износ од 63 милиони. Целта ни е трговската размена да ја зголемиме на милијарда долари“, изјви Челик и додаде дека Турција ќе ја поддржи иницијативата да се обнови договорот за слободна трговија меѓу двете земји.
Претседателот на српската Влада, Љајиќ, во таа пригода истакна дека пријателските односи меѓу Србија и Турција се на највисоко ниво и дека секојдневно ќе бележат напредок во економската соработка.
Министерот Љајиќ истакна дека трговската билатерална размена може да биде зголемена на повисоко ниво.
„Ние сме земја што на 15. јули застана против случувањата во Турција и застана покрај државата Турција. Како и секогаш, ние ќе ја поддржуваме демократски избраната власт“, рече Љајиќ.
Тој исто така рече дека стабилноста на Турција е важна за целиот регион и додаде дека зголемувањето на бројот на турските фирми што работат во Србија е резултат на добрата политичка соработка.
„Сакаме во сите сектори во Србија да видиме што повеќе фирми од Турција. Желба ни е да го ревидираме и да го прошириме договорот за слободна трговија што го потпишавме со Турција. Работиме на тоа и повторно ќе се состанеме во март“, рече Љајиќ.
Заблагодарувајќи ѝ се на Турција за помошта што и ја доделила на Србија во инфраструктуата, Љајиќ истакна дека инвестирањето во инфраструктурата е инвестирање во економските и во политичките односи.