Admir Fazlagikj
07 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија Љупчо Николовски, денеска одржа работен состанок со министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Република Србија, Расим Љајиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на Република Македонија, тема на состанокот беа измените на македонскиот „Правилникот за изгледот, формата и содржината на барањето за издавање на контролни маркици за означување на брашно“, но и сите отворени прашања и недоразбирања во меѓусебната трговија помеѓу двете држави.
„Двајцата министри донесоа заедничко решение, во интерес на двете држави, односно дека за пакувањата на увозното брашно еден, два и пет килограми, контролни маркици ќе се лепат во Србија, а за пакувањата од 25 и 50 килограми, контролните маркици ќе се лепат во Македонија", се вели во соопштението на МЗШВ.
Воедно на состанокот министрите се договорија во рок да се формира Комитет составен од надлежните институции на двете држави, чија што работа ќе биде во насока на надминување на сите отворени прашања поврзани со меѓусебната трговија.
„Се договоривме да формираме комитет меѓу двете влади кој ќе ги разгледа сите овие прашања. Комитетот ќе расправа и за оправданоста за постоење на ваквите маркици коишто биле воведени на барање на Стопанските комори и сега во согласност и со двете Стопански комори на стопанствениците од двете земји, доколку постои такво барање и интерес ние немаме никаков проблем да пристапиме и кон укинување на самите маркици“, изјави министерот Николовски.
Министерот Љајиќ, посочи дека Република Србија нема да воведе контра мерки за Република Македонија, бидејќи денеска е направен важен чекор за решавање на конкретниот проблем со извозт на срспко брашно, но и дека се отворија и сите други прашања, за кои што Комитетот ќе има задача да изнајде решение.
„Денеска недвосмислено покажавме политичка подготвеност за отстранување на сите царински бариери кои стојат на патот на меѓусебната трговија помеѓу двете земји“, посочи министерот Љајиќ.
Воедно од состанокот произлегоа, 10 заклучоци, за кои министрите со потпис се обрзаа на исполнување на истите, информираше МЗШВ.
Потсетуваме, проблемот со увозот на српското брашно настана откако Македонија на 8 февруари ги воведе измените на постојниот Правилник.
Со измените се налагаше брашното да се обележува со маркички по неговото дистрибуирање и целосна контрола во земјава, а не уште пред да стигне во Македонија, од страна на извозниците.
Србија реагираше зашто смета дека Македонија воведува бариери, што од македонска страна се негира и се напоменува дека условите за увоз и досега беа исти, само е сменет нивниот редослед и мора да се почитуваат.