Admir Fazlagic
30 Мај 2019•Ажурирај: 01 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Република Северна Македонија и Обединетото Кралство потпишаа Меморандум за размена на информации и знаења за сузбивање даночни и царински кривични дела и перење пари помеѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Потписници на Меморандумот се Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство и Министерството за финансии на Република Северна Македонија и неговите управи, Управата за јавни приходи (УЈП), Царинската управа, Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање.
Во своето обраќање на настанот по повод потпишувањето на Меморандумот, одржан во Министерството за финансии на Северна Македонија, ресорниот министер Драган Тевдовски рече дека борбата против неформалната економија и корупцијата е еден од приоритетите на Владата на Северна Македонија, истакнувајќи дека затоа преземаат сериозни чекори во таа насока.
„Преку Меморандумот се обезбедува размена на информации и знаења за сузбивање даночни царински кривични дела, како и спречување на перењето пари помеѓу двете земји“, рече Тевдовски.
Во однос на борбата против сивата економија, Тевдовски истакна дека Северна Македонија за првпат има Стратегија за формализација на неформалната економија и дека веќе има преземено активности коишто се предвидени со акцискиот план 2018 - 2020 година.
Директорот на Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство, Ендру Павлинич, посочи дека Република Северна Македонија е лидер во иницирање на размена на информации на Западен Балкан.
Тој рече дека на барање на директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасковски, Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство поддржала иницијатива за размена на податоци помеѓу царинските управи на Северна Македонија, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, согласно системот на Светската царинска организација.
Според Павлинич, еден од главните приоритети за лидерите на потписниците на Меморандумот, ќе мора да биде размената на разузнавачките податоци, со цел да може да се одговори на посочените меѓународни закани.
Амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј, истакна дека Обединетото Кралство инвестира во развој на капацитетите во регионот на Западен Балкан.
„Денеска одбележуваме суштински чекор во протокот на квалитетна размена на разузнавачки податоци помеѓу Северна Македонија и Британија. Со овој Меморандум на разбирање ние сме посветени на соработка и заемна помош во кривичните прашања поврзани со даноците и царините, помеѓу Царинската даночна управа и на институциите во Северна Македонија“, рече Галовеј.