Ivana Ramadanova
27 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод Светскиот ден на туризмот – 27. септември, Министерството за економија денеска во Скопје додели признанија за најуспешните туристички агенции, хотелиери, туристички манифестации и за најдобро уредените плажи што ја одбележаа 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Државниот советник за економија, Шофкет Азари истакна дека овогодишното мото на Светската туристичка организација при ОН е „Туризам за сите“, додавајќи дека секоја година по традиција на овој ден им се доделуваат признанија на најуспешните, односно на сите актери што имаат директно учество во туризмот.

„Туризмот е една многу чувствителна гранка и поради тоа, потребно е поагресивно делување како во владините политики, така и на нашите поддржувачи како што се факултетите, хотелиерите, туристичките агенции, рестораните. Туризмот е една најрелевантна гранка на секоја држава и со сите тие политики што сме ги имале како влада во последните десет години, се чувствува и растот на туризмот“, истакна Азари.
Според Азари, Македонија денес, со сите преземени мерки во последните десет години, стана позната туристичка дестинација, додавајќи дека е направено усовршување на квалитетот на понудата од страна на приватниот сектор, со што Македонија стана конкурентна, како во регионот, така и во светот.
Од приватниот сектор велат дека ваквиот тип на манифестации се голем поттик за сите оние што работат во сферата на туризмот. Од таму велат дека за да се зајакне соработката меѓу приватниот сектор и релевантните институции, потребно е да се работи на спречување на нелојалната конкуренција, поддршка за време на презентациите, како и поголем маркетинг надвор од земјата и допирање до тие земји што можат да доведат туристи во Македонија.