Husamedin Gina
08 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) – Северна Македонија и Косово се единствените земји во регионот на Западен Балкан во кои има позитивни трендови кај растот на економијата, за разлика од другите држави во регионот, кај кои има забавување, се истакна денес на презентацијата на Редовниот полугодишен економски извештај на Светската банка за земјите од Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
Извештајот на Светската банка за земјите од Западен Балкан во организација на Светската банка го презентираа Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светската банка во Скопје, Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, и Бојан Шимбов, економист во Светска банка.
Директорот на Канцеларијата на Светската банка во Скопје, Марко Мантованели, истакнувајќи дека во регионот на Западен Балкан има целокупно забавување на стапките на економскиот пораст, рече дека Северна Македонија и Косово се исклучоци и дека во двете земји позитивниот тренд на економијата продолжува.
„Што се однесува на растот, вестите се малку помалку позитивни за регионот. Гледаме едно целокупно забавување на стапките на економскиот раст, во однос на минатата година, со два исклучока, Северна Македонија, каде што позитивниот тренд во економијата продолжува од 2017, и Косово. Ова се двете економии кои продолжија да растат во однос на минатата година, но гледаме забавување во останатиот дел на регионот“, нагласи Марко Мантованели, директорот на Канцеларијата на Светската банка во Скопје.
Економистот во Светска банка, Бојан Шимбов, во своето обраќање истакна дека се очекува регионалниот раст да биде малку послаб отколку што беше минатата година.
„Добрата вест е дека падот на растот е привремен и дека според проценките на Светска банка, регионот во глобала во 2020/21 година би продолжил да расте со стапки од 3,6 и 3,8 проценти“, истакна Бојан Шимбов, додавајќи дека според проценките во Северна Македонија растот во 2021 година се очекува да достигне до 3,3 проценти.
Наведувајќи дека генерално на Западен Балкан е забележан пораст на платите, пред сè движен од порастот во Србија, Албанија и Северна Македонија, Бојан Шимбов истакна дека Србија е лидер во регионот и дека таму платите само во 2019 година се зголемени за повеќе од 7 проценти на реална основа.
„Во однос на Северна Македонија во првата половина во 2019 година имаме пораст на реална основа на платите повеќе од 2 проценти, што во еден дел е движен од зголемувањето на минималната плата, коешто се случи оваа година, меѓутоа и минатата година и во 2017. Исто така и порастот на платите во некои делови од јавниот сектор што се случи на почетокот на годината“, нагласи Бојан Шимбов, економист во Светската банка.
Денешната презентација беше 16. издание од серијата извештаи за состојбата на економиите во земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.