Admir Fazlagic
20 Октомври 2017•Ажурирај: 21 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Според најновата проекција на Светската банка, растот на економијата на Македонија во 2017 година е 1,5 проценти. Објавените податоци во извештајот на Светската банка, насловен „Миграција и мобилност“, велат дека бруто домашниот производ (БДП) годинава ќе има раст од 1,5 проценти, следната година 3,2 процента, а во 2019 година 3,9 проценти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според Светската банка, влијание на ваквите очекувања за раст од 1,5 проценти имала политичката нестабилност во првата половина од годината. Главни двигатели на растот се очекува да бидат потрошувачката, поттикната од зголемувањето на вработувањата и инвестициите.
Светската банка очекува буџетскиот дефицит да биде до три проценти од БДП годинава, и дека тој ќе се намали до 2,2 проценти до 2019 година.
- СБ: Економијата на Западен Балкан ќе има раст од 2,8 проценти
Во извештајот е наведено дека економијата на Западен Балкан ќе има раст од 2,8 проценти годинава, 3,2 следната година и 3,5 проценти во 2019 година.
Од земјите во регионот, највисок раст на БДП е предвиден во Црна Гора, 4,2 процента, потоа Косово 4,1 процент, Албанија 3,6 проценти, Босна и Херцеговина три проценти, Хрватска 2,9 проценти и Србија 2,3 проценти.
Во наредната година, Светската банка предвидува раст на економијата во Косово од 4,1 отсто, а во 2019 година четири отсто, Албанија 3,5 проценти наредната година и во 2019 година, Србија три отсто во 2018 и 3,5 проценти во 2019 година, БиХ 3,2 проценти во 2018 година и 3,5 проценти во 2019 година, Црна Гора 2,8 отсто во 2018 година и 2,5 во 2019 година и Хрватска со раст на БДП од 2,6 отсто во наредната и 2,8 во 2019 година.
Потсетуваме, според априлската проекција на оваа меѓународна финансиска институција, растот на БДП во Македонија требаше да изнесува 2,8 отсто.