Nurettin Coşkun
20 Октомври 2017•Ажурирај: 20 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Културниот и конгресен центар „Љутфу Кирдар“ со зборовите „Добре дојдовте во Истанбул“, им се обрати на гостите, учесници на 9. Самит за економска соработка на земјите од Д-8, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Ердоган, во своето обраќање пред членовите на организацијата Д-8, која ја сочинуваат претставници од 3 континенти, истакна дека чувствува голема среќа што е домаќин на останатите 7 почитувани членки на организацијата, кои ги соединија континентите, културите и срцата во Истанбул, град што се протега на 7 ридови.
„Организацијата Д-8 беше формирана во мрачната 1997 година, под водство на проф. д-р Неџметин Ербакан, кому му посакувам да почива во мир“, рече Ердоган.
Ердоган им се заблагодари на сите што во изминатите 20 години, служејќи ѝ на организацијата Д-8, го овозможиле нејзиниот раст и зацврстување. „Посакувам успешна средба, која се одржува во прилично болен период на глобални и регионални случувања. Се надевам дека денеска ќе ги разгледаме сите планирани теми и покрај финансискиот осврт за изминатиот период, ќе го изработиме патоказот за нашата иднина. Посакувам Господ да ни го отвори патот, судбината, и да ги просветли сите наши напори“.
„Речиси на секои 10 години се повторува економска криза. Во свет со толку големо производство и во толку богат свет, нашите браќа од Африка сѐ уште не можат да ги задоволат своите најосновни потреби. Глобалната нееднаквост, наместо да се намали, уште повеќе се зголемува. Терористичката закана, без да води сметка за растојанијата, широко се распространува. Но и покрај тоа, минуваме низ проблематичен период во којшто се дискутира за ‘добар терорист, лош терорист’. Некои намерно се обидуваат да ги поистоветат тероризмот и исламот, терористите и муслиманите. Групи убијци, како што се Боко Харам, ДЕАШ, ФЕТО, Еш-Шебаб, се материјал за непријателите на исламот“., рече во својот говор претседателот Ердоган.
- „Како организација, постоиме на три континенти“
Претседателот Ердоган изјави дека поради различноста по боја, јазик, религија и етнички идентитет, проблемот со миграциите и со бегалците се маргинализира и е отуѓен од прашањето на имиграцијата и бегалците, а овие лица се цел на напади и на дискриминаторска политика.
Ердоган рече дека Медитеранот се претворил во „голема гробница на бегалци“, и наместо да се каже стоп за немоќта, гладта и сиромаштијата, зборуваме за неорганизирана миграција, потонати бродови, луѓе кои се препуштени на смртта. Турскиот претседател во својот понатамошен говор истакна:
„Мои браќа, поуката што ја добивме од сликата пред нас е следното.Се зголеми потребата од принципите и вредностите што ги застапува Д-8. Д-8 не е колектив на земји кои само се среќаваат поради интерес. Д-8 води процес кој бара фер, мирен и стабилен свет. Ние, земјите-членки на Д-8, имаме географски привилегии кои малку земји во светот ги имаат. Постоиме на три континенти. Имаме природни богатства, имаме младо и динамично население кое претставува 1/7 од светот. Кога ја формиравме Д-8, нашиот просечен национален приход изнесуваше 1.820 долари по лице, додека денеска, фала му на Бога, тој е зголемен на 4.500 долари. Се разбира дека тоа не е доволно, потребно е да одиме многу понапред“.
„Доколку успееме да овозможиме во трговијата во нашите земји да ја користиме националната валута, со тоа би ставиле параф на револуција во историјата на Д-8. Нема потреба нашата економија да се топи под притисокот на девизниот курс“, рече претседателот Ердоган.
Тој, меѓу другото, порача: „Неприфатливо е да не се смета за грешка неменливоста на Д-8 во свет што се менува. Сметам дека е потребно организацијата да ја зајакнеме со нови партнери. Воопшто нема потреба од страв поради проширувањето, тука треба да сте смирени. Наместо механизмот за донесување едногласна одлука, би можеле да го користиме системот на мнозинство, бидејќи често може да заглави системот на едногласност“.
За состојбата во Мјанмар, претседателот на Турција, Ердоган, изјави: „Во моментов, не можеме да бидеме само набљудувачи на ситуацијата во којашто западнаа муслиманите од Аракан, најверојатно тоа нема да ни прилега. Важно е колку од товарот на Бангладеш можеме да преземеме? Треба да ги вложиме тие напори, да го олесниме товарот на Бангладеш и на нашите браќа таму, од ова место да им порачаме: ‘Не сте сами, ние сме покрај вас’, што ќе им даде посебна сила“.