АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес порача дека Турција следната година ќе биде 12. најголема економија во светот според паритетот на куповната моќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во моментот Турција е рангирана како 13. по ред економија во светот според паритетот на куповната моќ.
Во своето обраќање на состанокот на пратеничката група на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Parti), Ердоган истакна дека властите се решени да ја намалат стапката на инфлација до целното ниво во 2019 година.
„Секој чекор што го имаме преземено има за цел да го поддржи нашиот раст, развој и сила“, рече турскиот претседател.
Годишната инфлација во Турција во месец ноември изнесуваше 21,62 отсто, според најновите податоци од турскиот Институт за статистика (TurkStat).
Како што е наведено во новата економска програма на Турција објавена во септември, таргетираната стапка на инфлација на земјата за оваа година е 20,8 отсто, за следната година 15,9 отсто, за 2020 година 9,8 отсто и за 2021 година, 6 отсто.
Осврнувајќи се на целите на Турција во однос на извозот, Ердоган рече дека земјата ќе го пробие рекордот за извоз до крајот на годината со остварени 170 милијарди долари.
Според Институтот за статистика, турскиот извоз во периодот од 10 месеци изнесуваше 138,7 милијарди долари, што претставува пораст на годишно ниво за 7,6 отсто.
Минатата година извозот на земјата изнесуваше над 157,05 милијарди долари.
Турскиот претседател нагласи и дека сегашниот дефицит на тековната сметка ќе падне под 30 милијарди долари до крајот на 2018 година.
Според Турската централна банка, 12-месечниот дефицит од октомври падна на 39,4 милијарди долари. Во 2017 година, годишниот дефицит на тековната сметка на Турција изнесуваше околу 47,5 милијарди долари, односно околу 5,6 отсто од БДП на земјата.
Ердоган, исто така, потенцираше дека стапката на невработеност во 2019 година ќе достигне едноцифрена бројка.
Според „TurkStat“, стапката на невработеност во Турција во месец септември изнесувала 11,4 отсто.