Ivana Ramadanova
09 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Алкалоид АД Скопје, денеска се одржа пресконференција по повод шестиот по ред годишен САМИТ 100 за бизнис лидерите од Југоисточна Европа, кој на 16 и 17 октомври 2017 година ќе се одржи во Скопје, јавува Anadolu Agency (АА).
На пресконференцијата, претседателот на УО на САМИТ 100 и генерален директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, истакна дека овој настан има примарна цел да се изнајдат конкретни идеи, проекти и предлози за подобрување на поврзаноста во регионот од сите економски и општествени аспекти.
Тој најави дека Скопје и Република Македонија преку уникатната регионална бизнис платформа САМИТ 100 ќе бидат домаќин на повеќе од сто реномирани бизнис лидери и највисоки политички претставници од Југоисточна Европа, кои во текот на двата дена ќе дискутираат за потенцијалите можности и можностите на регионот како целина.
Според него, она што го прави овој бизнис настан уникатен е тоа што отвора можности за вистинска поврзаност и за искористување на заедничкиот потенцијал на земјите од регионот.
„САМИТ 100 е создаден како регионална иницијатива и токму затоа членови во нашиот Управен одбор се претставници на стопанството од целиот регион на Југоисточна Европа. Како претседател на Управниот одбор, но и како директор на компанија којашто работи регионално и меѓународно, свесен сум за силата и значењето на заедничкиот настап и поврзаноста на нашите земји. Имено, гледано во светски рамки, нашите пазари се мали, но обединувајќи ги интересите и капацитетите во заеднички настап, можеме да бидеме сериозно меѓународни конкуренти и истовремено да го свртиме вниманието на глобалниот бизнис кон инвестицискиот потенцијал на земјите од Западен Балкан, Хрватска и Словенија“, истакна Мукаетов.
Програмскиот директор на САМИТ 100 и партнер во Алба Партнери, Јелена Радуловиќ, изјави дека САМИТ 100 за бизнис лидерите од ЈИЕ е уникатна бизнис иницијатива која започна во 2011 година, со цел да ја поттикне бизнис заедницата од регионот да преземе одговорност за интеграцијата на бизнисот и економијата, а преку тоа и да ја подобри конкурентноста на националните и регионалните економии и да обезбеди подобар квалитет на животот за сите граѓани од овој дел на Европа.
„Од година во година, САМИТ 100 напредува и секогаш додаваме по некоја нова димензија на нашата иницијатива. Во Скопје очекуваме дека ќе продолжиме да го надградуваме нашиот модел, и САМИТ 100 ќе стане уште посилна платформа со помош на добрата енергија во Скопје, но и дека дополнително ќе ги конкретизираме нашите идеи и за првпат во историјата на САМИТ 100 ќе им ги претставиме на премиерите, со цел да направиме поширок фронт за унапредување на соработката во регионот“, изјави Радуловиќ.
САМИТ 100 на бизнис лидерите од ЈИЕ е уникатна бизнис иницијатива којашто на едно место ги собира најеминентните бизнис лидери од Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Косово и од Албанија.