Murat Temizer
14 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Новите регистрации на електрични автомобили во светот се зголемија за 70 отсто во периодот меѓу 2014 и 2015 година, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) објавен денес, јавува Anadolu Agency (AA).
Агенцијата во Извештајот наведува дека во 2015 година се продадени 550.000 електрични автомобили во светот.
„Тие сочинуваат 0,8 отсто од вкупната продажба на лесни возила и 0,1 отсто од вкупниот возен парк на крајот на 2015 година“, се вели во извештајот.
Во него стои дека под претпоставка дека овие автомобили ја поместиле продажбата на возилата на гориво, тие ја намалиле побарувачката на нафта за околу 10.000 барели дневно и ја зголемиле побарувачката на електрична енергија за околу 1 терават-час годишно, што не ја вклучува продажбата на електрични возила со мала брзина и автобуси.
Во извештајот се истакнува дека на двата најголеми пазари за автомобили во светот, САД и Кина, отпаѓаат повеќе од половината нови регистрации на електрични автомобили во светот во 2015.
Продажбата на електрични автомобили се намали за 4 отсто во периодот меѓу 2014 и 2015 година, на 110.000 во САД, со падот на цените на бензинот, но сепак, таа се зголеми речиси трипати, на над 200.000 во Кина.
- Кина ги престигна САД како најголем пазар на национално ниво -
Политиките насочени кон намалување на загадувањето од урбаните возила и стимулирање на кинеското производство продолжија да ја поддржуваат продажбата на електрични автомобили во Кина, и покрај падот на цената на бензинот и дизелот за 30 отсто од средината на 2014 година.
„Надвор од Кина и САД, годишната стапка на раст на продажбата во 2015 година е 72 отсто – само малку повисока отколку во 2014 година“, се вели во извештајот и се додава дека продажбата во првата половина на 2016 година се очекува да биде за околу 60 отсто поголема отколку во првата половина од 2015 година, благодарение на големата продажба во Европа и во Кина.
„Постојаниот брз пораст во продажбата на електрични возила во голема мера зависи од поддршката на јавната политика на среден рок, особено доколку цените на нафтата значително не се зголемат“, се истакнува од Меѓународната агенција за енергетика.