Tuba Onğun
04 Јули 2022•Ажурирано: 07 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Цените на индустриските производители скокнаа за 36,3 отсто во еврозоната и 36,4 отсто во Европската Унија (ЕУ), објави денес Евростат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На месечно ниво цените се зголемија за 0,7 отсто во еврозоната и 0,8 отсто во 27-члениот европски блок, се наведува во соопштението на Европската статистичка служба (Евростат).
Енергијата повторно беше главен фактор за растот на цените, кои во двете европски зони речиси двојно се зголемија во однос на претходната година.
„Цените на индустриските производители во еврозоната во мај 2022 година, во однос на мај 2021 година, се зголемени за 94,4 отсто во енергетскиот сектор, 25 отсто кај полупроизводите, 12,3 отсто кај нетрајните производи за широка потрошувачка, 9,1 отсто кај трајните производи за широка потрошувачка и 7,5 отсто за капитални добра“, се наведува во соопштението.
Еврозоната е монетарна унија која обединува 19 од 27 земји членки на Европската Унија кои ја користат единствената европска валута, еврото.