Sümeyye Dilara Dinçer
06 Јули 2022•Ажурирај: 07 Јули 2022
КОЛОМБО (АА) - Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, оствари телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за да побара кредитна поддршка за земјата која се бори со економска криза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Раџапакса на Твитер соопшти дека имал телефонски разговор со Путин.
Раџапакса, истакнувајќи дека средбата била продуктивна, рече дека побарал кредитна поддршка од Путин за да увезе гориво.
- Ситуацијата во Шри Ланка
Населението во земјата која се соочува со најголемата економска криза во својата историја, на крајот на март ги засили своите протести по прекините на електричната енергија по 13 часа дневно.
На 9 мај дојде до судир меѓу демонстрантите собрани околу зградата на Кабинетот на премиерот и поддржувачите на Владата. Во главниот град Коломбо воените единици беа повикани на должност.
По зголемениот притисок од опозицијата, премиерот Махинда Раџапакса поднесе оставка на 9 мај и Владата беше распуштена.
Претседателот Готабаја Раџапакса на 12 мај за премиер го назначи Ранил Викремесинге, кој претходно беше премиер во три мандати.
По насилствата беше прогласен полициски час низ целата земја, а Владата нареди да се пука врз секој што ќе наштети на јавен имот за време на протестите.
Во протестите кои се проширија низ земјата животот го загубија 8 лица, меѓу кои и пратеник од владејачката партија и двајца полицајци, а 250 лица беа повредени.
Жителите на Шри Ланка моментално минуваат низ тешки денови поради недостиг на гориво, прекини на електрична енергија и зголемени цени на храната и транспортот.
Викремесинге на 22 јуни соопшти дека економијата на земјата дошла до колапс и дека не можат да платат ниту за увоз на нафта.
Земјата, која информира дека нема да може да го плати својот надворешен долг од 7 милијарди долари, кој доспева оваа година, без да го чека резултатот од преговорите за спасувачкиот пакет со Меѓународниот монетарен фонд, мора да плаќа просечно по околу 5 милијарди долари годишно до 2026 година.