Nuri Aydın
03 Јануари 2023•Ажурирај: 05 Јануари 2023
КУАЛА ЛУМПУР (АА) – Властите на Малезија соопштија дека на земјата ѝ се потребни приближно еден милион странски работници за да ги задоволи потребите за работна сила по избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сојузот на бироата за вработување во Малезија (Papa) објави извештај за вработување, а весникот „Малајмејл“ јави дека претседателот на Сојузот, Датук Фу Јонг Хои, истакнал дека потребата од работна сила во различни сектори во Малезија е на критично ниво и напомена дека на земјата ѝ се потребни речиси милион странски работници.
Фу наведе дека бројот на пријавени странски работници паднал на 900.000, а дека во 2020 година изнесувал околу 2,2 милиони.
На малезискиот градежен сектор му се неопходни околу 300.000 работници, на земјоделскиот сектор 230.000, а на производниот сектор од 100.000 до 200.000 работници.
Најавувајќи дека ќе се состане со малезискиот министер за внатрешни работи, Датук Сери Саифудин Насут Исмаил, за да се реши проблемот со странските работници, Фу нагласи дека Владата треба да го олесни издавањето визи за странските работници.