Husamedin Gina
16 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, прими делегација на Стопанска комора Македонија - Турција (МАТТО), предводена од претседателот на Комората, Ајдован Адемовски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение од Владата, на средбата Ковачевски ги потврдил силните заложби на Владата на Северна Македонија да се продлабочи економската соработка со Турција и посочи дека на МАТТО и на компаниите кои се нејзини членки, гледа како на партнери за остварување на таа цел.
Ковачевски исто така најави дека во неговата агенда посетата на Турција е на високо место, со цел традиционалното пријателство меѓу двете земји уште поинтензивно да се рефлектира низ зголемување на меѓусебната економска соработка и трговска размена која сега изнесува над 650 милиони евра.
Toj на средбата додаде дека во Северна Македонија веќе работат сериозен број турски компании кои исплаќаат плата на вработените, плаќаат даноци во буџетот и учествуваат во севкупното производство и во извозот.
Ковачевски порача дека тоа е добра порака за новите потенцијални инвеститори во Турција да се охрабрат и да дојдат во Северна Македонија.
Меѓу другото, на средбата беше најавено дека наскоро ќе следува дополнување на Планот за економски раст со нови поволности за поддршка на инвестициите, особено во делот на капацитетите од обновливите извори во енергетиката, за што веќе постои голем интерес од компаниите од оваа дејност во Турција.