Ekipa
16 Јануари 2023•Ажурирај: 18 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денес ја презентираше реализацијата на капиталните инвестиции во 2022 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата Ковачевски посочи дека во минатата година е регистрирана највисока реализација на капитални инвестиции во вредност од 465 милиони евра.
„Фактите покажуваат дека и покрај тоа што минатата година беше критична од повеќе аспекти, што оставаше простор за сомнеж дека нема да се успее, сепак во 2022 година имаме реализација на капиталните проекти од речиси 90 проценти од планираното, што е највисок остварен процент во споредба со претходните 10 години“, истакна Ковачевски на прес-конференцијата, соопшти Владата.
Тој нагласи дека споредено со 2014 година, кога капиталните инвестиции изнесувале 286 милиони евра, лани тие се искачиле и достигнале вредност од 465 милиони евра, односно зголемување за повеќе од 60 отсто.
„Минатата 2022 година бележиме пораст на капиталните инвестиции во повеќе ресори, кои се клучни за развој на државата. Само во последните три години, од 2020 до 2022 година, во услови на пандемија и светска економска и енергетска криза, успеавме да реализираме капитални инвестиции во вкупна вредност од 1,1 милијарда евра“, изјави премиерот.
Во ресорот транспорт и врски, Ковачевски рече дека се реализирани најкрупните инфраструктурни проекти меѓу кои ги наведе експресниот пат Штип – Кочани, Коридорот 8, експресниот пат кон Бугарија.
Министерството за транспорт и врски, како што изјави премиерот, гради и рехабилитира 44 експресни, магистрални и регионални патишта, од кои работите во најголем дел се завршени. Рече дека продолжува работата на коридорот од Кичево до Охрид, нагласувајќи дека 75 отсто од патот е завршен, како и на реализацијата на Автопатот Скопје – Блаце, чија Фаза 1 е завршена 79 отсто. Посочи дека се подготвуваат автопати за изградба на Коридор 10-Д и Коридор 8.
Што се однесува во делот на изградба и реконструкција на железничката инфраструктура, Ковачевски, како што соопштија од Владата, нагласил дека е забрзан процесот на железничкото поврзување и доизградба на Коридорот 8, односно изградбата на железничката пруга кон Република Бугарија.
Во однос на останатите ресори, Ковачевски рече дека Министерството за одбрана e силно посветено на модернизација на системот за одбрана и потсети:
„Согласно договорите во тек е набавка на лесни оклопни возила ЏЛТВ Ошкош од кои во 2022 година пристигнаа 6 возила. Во следниот период оваа година се очекуваат уште 27 од вкупната набавка на 96 возила. Склучен е и договорот за набавка на лесни оклопни возила за специјални сили (STRYKER) од САД.“
Посочи дека во 2022 година е потпишан и договорот за набавка на опрема за противвоздушна одбрана со Република Франција, како и дека се склучени договори и за набавка на артилериски системи во соработка со Туркије.
Ковачевски, како што соопшти Кабинетот, нагласил дека со целосна реализација на капиталните инвестиции е и Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование што согласно со инвестицискиот план, требало да се заокружат во 2022 година
Во однос на реализираното во ресорот здравство, меѓу позначајните инвестиции, рече премиерот, се зајакнување со нова апаратура за дијагностика во поголем број јавни здравствени установи низ државата.
Ковачевски посочи дека во 2023 година, нивото на планирани капитални инвестиции во буџетот во однос на минатата 2022 година е повисоко за 51,8%, и изнесува околу 800 милиони евра.
„Република Северна Македонија, која е веќе членка на НАТО-алијансата, во следните неколку години ја гледаме како полноправна членка и на Европската Унија, и сите инвестиции, капитални проекти се во таа насока, обезбедување на европска перспектива и европски услови за живот на граѓаните“, порача Ковачевски.