Ekip?
10 Септември 2017•Ажурирај: 11 Септември 2017
ПЕКИНГ (АА) - Кина би можела да им се придружи на Франција и на Велика Британија кога станува збор за ставање крај на продажбата на автомобили на бензин и нафта. Имено, и оваа земја најави дека има планови за запирање на продажбата на автомобили на бензин и нафта, и промоција на електричните автомобили, пренесува Anadolu Agency (АА).
Кинеското Министерство за индустрија започна да работи на плановите за завршување на производството и продажбата на традиционални автомобили, и на промоција на технологијата за производство на електрични автомобили, објавија државните медиуми повикувајќи се на официјални лица на таа земја.
Според извештаите, не е одреден точен датум, но Пекинг го зајакна притисокот врз автоиндустријата да го забрза развојот на електричните автомобили.
Кина е најголем пазар по бројот на продадени автомобили, па промените кои ги воведува секогааш имаат одек во глобалната индустрија.
Заменик министерката за индустрија, Син Гуобин, на форумот за автоиндустрија вчера изјави дека министерството започнало со истражување за да се формулира план за прекин на производството и продажбата на возила кои како погонско гориво користат традиционални енергенти, пренесува кинеската новинска агенција „Синхуа“ и весникот близок на Комунистичката партија „Народен весник“.
Франција и Велика Британија во јули најавија дека ќе престанат со продажба на автомобили на бензин и нафта до 2040 година, како дел од напорите за намалување на загадувањето на животната средина и емисијата на јаглерод диоксид продонесуваат кон глобалното затоплување.
Комунистичките лидери исто така сакаат да го укинат кинескиот рестечки тренд на увоз на нафта, и електричните автомобили ги гледаат како ветувачка индустрија во која нивната земја би можела да преземе водство.
Кина минатата година ги надмина САД како најголем пазар на електрични автомобили. Продажбата на електричните и комбинирани хибридни возила порасна за 50 отсто во 2015 година, на 336.000 возила или 40 отсто на глобално ниво.
Пекинг го поддржува развојот на електричните автомобили со милијарди долари, кои ги вложува во истражувања и поттикнување на купувачите, но преминува на квотен систем кој ќе го префрли финансиското оптоварување на произведувачите на автомобили.
Според квотите, електричните и комбинирани возила би требало да сочинуваат осум отсто од производството на секој произведувач на автомобил, 10 отсто во 2019 година и 12 отсто во 2020. Оние кои нема да успеат да ги испочитуваат овие цели ќе можат да купат кредит од оние кои ќе произведат вишок.
Пекинг им нареди и на нафтените компании во државно сопствеништво да го забрзаат инсталирањето на станиците за полнење на електричните автомобили, со цел да се зголеми нивниот број.