Admir Fazlagic
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, во Скопје присуствуваа на бизнис-форумот Северна Македонија - Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање пред бизнисмените и владините делегации од Северна Македонија и Грција, премиерот Заев истакна дека патот да дојдат до овој ден не бил воопшто едноставен и лесен.
Според неговите зборови, сите иницијативи за меѓусебната соработка на двете земји даваат појасна слика за тоа што испуштиле во претходните години поради спорот за името, кој минатата година во јуни месец беше решен со потпишување на Преспанскиот договор. Од овој договор, како што нагласи Заев, произлегуваат добрососедските односи и конструктивната соработка.
„Вие драги претставници на бизнис заедницата во одреден дел од историјата бевте веројатно најоштетени затоа што вам одамна ви бил очигледен потенцијалот за економската соработка доколку нашите две држави се пријателски настроени", рече Заев.
Додаде дека бројките говорат за посветеноста на бизнисмените, што било пресудно во нивниот напор да ги отстранат пречките за економска соработка.
„Грција стана наш втор трговски партнер. Волуменот на размена во 2018 година порасна за 20,7 проценти споредено со 2017 година, достигнавме меѓусебна трговија од близу една милијарда долари", изјави Заев, додавајќи дека за Северна Македонија трговскиот дефицит во 2018 година се зголемил за 30,7 проценти во споредба со 2017 година.
Говорејќи за инвестициските активности на Грција во Северна Македонија, Заев рече дека Грција е трет најголем странски директен ивнеститор во земјата со вкупно 474 милиони евра инвестиции од 1997 до 2017 година или вкупно учество 10,1 процент од странските директни инвестиции во државата.
„Од стагнација во меѓудржавните односи дојдовме до момент кога Грција ја гледа Република Северна Македонија како главен партнер за трансформирање на регионот во енергетски тразитен центар. Со оглед на нашите амбиции да ги отпочнеме пристапните преговори со ЕУ годинава веќе имаме партнер во Грција уште од сега да напредуваме кон создавање на единствен европски пазар на енергија", порача Заев, повикувајќи ги грчките бизнисмени уште повеќе да инвестираат во Северна Македонија.
Од друга страна, грчкиот премиер Алексис Ципрас истакна дека бизнисмените и политичарите од двете земји придонесуваат во трансформацијата на Балканот „од досега позната област на конфликти во парна локомотива на Европа".
Според Ципрас, сите иницијативи и податоци кои беа претставени покажуваат дека постои интерес за економска и трговска соработка помеѓу двете земји, која ќе се гради на ниво на претприемачи.
Осврнувајќи се на важноста на неговата денешна посета на Северна Македонија која самиот тој ја нарече историска, како и за коментарите во грчките медиуми во врска со оваа посета Ципрас рече:
„Тие ја опишуваат оваа историска посета како инвазија на Скопје, јас би сакам да ве уверам дека не сме тука да вршиме инвазија, ние сме тука да негуваме однос на еднаква соработка и да ги надминеме пречките. Договорите кои ги склучивме денес и креативните дебати кои ги имавме се насочени кон искористување на можностите", истакна Ципрас.
Заев и Ципрас во рамките на денешниот бизнис форум најавија соработка во енергетскиот сектор, инфраструктура, транспорт, како и зголемување на трговска размена. Премиерот Заев дече дека сакаат да го реализираат проектот за гасен интерконектор меѓу Грција и Северна Македонија што би се проширил и до Србија, Романија и до Косово и би се поврзал со Трансјадранскиот гасовод,
На бизнис-форумот учествуваат околу 400 стопанственици од двете земји.
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, што е воедно и прва посета на грчки премиер на оваа земја.
Ципрас денеска беше пречан од премиерот Заев, со кој се состана во Владата, а по средбата меѓу делегациите на двете влади двајцата премиери одржаа заедничка прес-конференција.
Исто така, Ципрас се состана и со претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери.