економија

Добивката на Фолксваген во првиот квартал од годината намалена за 81%

- Во извештајот се наведува дека во првиот квартал од годината Групацијата VW испорача 2 милиони возила, што е намалување за 23% во споредба со истиот период минатата година

Bahattin Gönültaş  | 29.04.2020 - Обновена : 30.04.2020
Добивката на Фолксваген во првиот квартал од годината намалена за 81%

БЕРЛИН

Групацијата „Фолксваген“, која во својата стуктура ги поседува брендовите „ауди“, „бугати“, „сеат“, „шкода“ и „порше“, ги објави финансиските резултати од првиот квартал на годината, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според извештајот, на оваа групација, која минатата година во периодот јануари-март имаше приход од продажбата од 60 милијарди евра, во истиот период годинава приходот од продажбата ѝ изнесува 55,1 милијарда евра, што е пад од 8,1%. Добивката на групацијата е намалена за 81,4% и изнесува 0,9 милијарди евра, притоа не сметајќи ги специјалните артикли.

Во извештајот се наведува дека во првиот квартал од годината, Групацијата VW испорача 2 милиони возила, што е намалување за 23% во споредба со истиот период минатата година.

Фолксваген објави дека иако во фабриките е прекинато производството поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) и постои намалување на порачките на автомобили, особено од Кина и САД, групацијата сепак ќе има позитивен финансиски биланс на крајот од годината. Фолксваген објави и дека оваа година се очекува намалување и во испораката и во добивката од продажбата на автомобили.

Менаџерот за финансии и трошоци во Фолксваген, Франк Витер, ја даде следната проценка по ова прашање: „Пандемијата на Ковид-19 во голема мерка делуваше врз нашата работа во првиот квартал од годината. За намалувањето на трошоците и обезбедување ликвидност презедовме голем број превентивни мерки и од финансиски аспект продолжуваме да опстојуваме. Групацијата „Фолксваген“ фокусирана и решителна се обидува да раководи со оваа досега невидена криза.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.