економија

Вториот ден од Сараевскиот бизнис-форум: „Дигиталната револуција да се гледа како можност“

Зоран Јовановски смета дека целиот регион се соочува со различни предизвици, истакнувајќи дека е сѐ поголемо заминувањето на младите, образовани и интелигентни луѓе, проследено со голема невработеност и неусогласени вештини

Aldıjana Hadzıc  | 18.04.2019 - Обновена : 21.04.2019
Вториот ден од Сараевскиот бизнис-форум: „Дигиталната револуција да се гледа како можност“ Фото: Samir Yordamoviç/AA

САРАЕВО (АА) - Неопходно е образовните системи да се приспособат на трендовите на пазарот, за да можат земјите од регионот да напредуваат во иднина, беше кажано на тркалезната маса на Сараевскиот бизнис-форум (СБФ), јавува Anadolu Agency (AA).

Учесниците на вториот ден од Форумот, чиј глобален комуникациски партнер е Anadolu Agency (AA), зборуваа за дигиталната револуција како четврта индустриска револуција.

Модератор на тркалезната маса беше Зоран Пуљиќ, директор на Фондацијата „Мозаик“. Тој најави дека на состанокот ќе стане збор за интересна тема. Прикажан е видеоприлог за дигиталната револуција и влијанието на технологијата врз науката и општеството.

Лада Бушевац, во име на Светската банка зборуваше за мобилната покриеност и присуството на интернетот во земјите од регионот, додавајќи дека одредени земји, меѓу кои и Босна и Херцеговина, заостануваат зад останатите. Таа додаде дека секоја земја покажува разлики во напредокот. Се осврна и на тоа дека многу луѓе од регионот кои имаат мобилни уреди, имаат пристап до интернет, но исто така, како пример наведе дека малку луѓе користат електронско банкарство (т.н. e-banking).

Ана Луциа Линд, главната извршна директорка на „Swiss Financial Engineering AG“, зборуваше за вештачката интелигенција и нејзиното влијание. Таа смета дека општеството се менува и дека вештачката интелигенција ќе биде значајна во иднина. Порача дека треба да се искористат предностите на новите трендови, но и да не се заборави дека машината, односно предметот, никогаш не може да биде попаметен од човекот кој го измислил.

Линд укажа и на потребата идните генерации да учат за вештачката интелигенција и нејзините предности, но и да бидат свесни дека таквата интелигенција не треба да се преценува.

Зоран Јовановски, претставник на Стопанската комора на Македонија, смета дека целиот регион се соочува со различни предизвици, истакнувајќи дека е сѐ поголемо заминувањето на младите, образовани и интелигентни луѓе, проследено со голема невработеност и неусогласени вештини. Тој укажа на големиот број талентирани луѓе и потсети дека е потребно усовршување на постоечките вештини.

Јовановски смета дека решение е приспособување на образовниот систем и потсети дека децата, а особено младите генерации, покажуваат исклучителен талент за технологијата.

Тој нагласи дека децата покажуваат исклучителен талент за време на одредени работилници и тестирања, додавајќи дека со цел државите да напредуваат во иднина, потребно е приспособување на образовниот систем.

Един Дељкиќ рече дека во светот е сѐ поголема побарувачката за ИТ-експерти и дека еден од најголемите предизвици е талентот. Тој порача дека не се знае какви сѐ работи ќе постојат во иднина, имајќи предвид дека нештата постојано се менуваат, но и нагласи дека четвртата револуција и технологија треба да се видат како можност.

Челникот на Советот за странски инвестиции во Босна и Херцеговина, Бранимир Муиџа, зборуваше за можностите за инвестирање во БиХ и додаде дека постојат многу талентирани луѓе во ИТ-секторот, но дека не постои систем кој им овозможува на младите да покажат што знаат.

Муиџа потсети дека многу нешта што постојат денес, не постоеле пред 10 години, и запраша каква ли ќе биде ситуацијата по 10 години, додавајќи дека не смее да се заборават климатските промени, ниту глобализацијата.

Тој порача дека секоја индустрија се менува и дека не може ниту да се претпостави што ќе се случи за 10 години. Укажа и на фактот дека на инвеститорите треба да им се укаже на можностите кои постојат, бидејќи во регионот има многу таленти во повеќе области.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın