Ekipa
13 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
САРАЕВО (АА) - На крајот на вториот ден од 11. Сараево Бизнис-форум се разговараше за улогата на исламските финансии во постигнувањето на целите за одржлив развој. Овој панел го отвори Фатма Чинар, раководителка на Исламското финансиско портфолио на Меѓународниот центар за развој на приватниот сектор на УНДП во Истанбул (IICPSD), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Најважно е да се најде одговор на прашањето како да се искористат исламските финансии за намалување на сиромаштијата и социјалната нееднаквост во општеството со ограничени владини капацитети. Исламската економија и финансии играат важна улога во создавањето синергии меѓу приватниот и исламскиот сектор и развојот“, рече Чинар.
Сахба Собхани, директор на УНДП ИИЦПСД Турција, рече дека климатските промени се актуелна тема денес и засега знаaт дека најмалку 23 милијарди долари ќе бидат инвестирани во обновливи извори на енергија.
„Од исламската страна имаме потенцијал во други области со акцент на споделување ризик и партнерства. Со нетрпение очекувам да работам со Канцеларијата на УНДП за да ги постигнеме сите цели за одржлив развој“, рече Собхани.
На присутните се обрати и Мухамед Р. Кроесин, раководител на Програмата за микрофинансирање на невладината организација „Исламик рилиф“ од Велика Британија, и ја истакна важноста на придонесот на Фондацијата „Исламик рилиф“ за хуманитарните и економските проекти низ светот.
„Во моментов се соочуваме со најголемиот предизвик на човештвото, а сето тоа е резултат на глобализацијата и технолошкиот напредок. Тоа е важна мисија за владите, општеството и приватниот сектор. „Исламик рилиф“ гради мостови низ целиот свет што ни помага да ги разбереме современите проблеми за да го направиме овој свет подобро место за живеење. „Исламик рилиф“ донира 50 милиони евра зекат за помош на сиромашните“, рече Кроесин.
Исмаил Вурал, генерален секретар на Унијата на турски партиципациски банки (ТКББ), истакна дека нивната мисија е да придонесат за развојот на економијата преку создавање рамнотежа помеѓу производството и потрошувачката, во која стратегијата за раст игра суштинска улога.
Амел Ковачевиќ, извршен директор на United Bank of Albania, ги коментира придобивките од дигиталната трансформација во последните години. Тој исто така спомена дека треба да се има поголема отвореност кон светот и да се разбере локацијата на ресурсите на вистински начин за да се избегне штетата за идните генерации.
Генералниот секретар на Јорданската стопанска комора, Тамим Најеф Касрави, говореше повеќе за улогата на реалниот сектор во одржливиот развој.
„Во Јордан, индустрискиот сектор е еден од најважните. Ние придонесуваме со 25 отсто од БДП и извезуваме 9,5 милијарди долари годишно. Јорданската стопанска комора ја сочинуваат 14.000 организации“, рече Касрави.
Д-р Адмир Мешковиќ, проект-менаџер на „Босна банк интернешнл“, зборуваше за социјалното влијание на „Босна банк интернешнл“ во Босна и Херцеговина преку Сараево Бизнис-форумот, како една од најголемите инвестициски конференции во Европа.
„Покрај Сараево Бизнис-форумот, ББИ банка иницира многу други општествено одговорни проекти со значително влијание врз развојот на економијата и општеството во целина. Во исто време, ББИ ја користи можноста да ги вгради најдобрите светски практики во својот бизнис кога се во прашање ЕСГ-стандардите за работењето на финансиските институции, со цел подобра поддршка за постигнување на целите за одржлив развој“, рече Мешковиќ.
По овој панел беше претставена нова едукативна платформа за исламски финансии и одржлив развој развиена од УНДП ИИЦПСД и Исламската банка за развој.