економија, Балкан

„Сараево бизнис-форумот ќе собере повеќе од 1.000 учесници од 33 земји“

Годинава на Форумот ќе бидат претставени околу 300 инвестициски проекти и бизнис-идеи, претежно од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Албанија

Vesna Besic  | 10.05.2022 - Обновена : 11.05.2022
„Сараево бизнис-форумот ќе собере повеќе од 1.000 учесници од 33 земји“

САРАЕВО (АА) - Пристигнувањето на 11. Сараево бизнис-форум го потврдија делегации од 33 земји, кои ќе бидат претставени преку регионални инвестициски проекти во преработувачката индустрија, земјоделството, енергетиката, образованието, финансиите, инфраструктурата, градежништвото, услугите, туризмот и други сектори, јавува Агенција Анадолија (АА).

На Сараево бизнис-форумот (СБФ), по двегодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот, се очекуваат повеќе од 1.000 учесници од целиот свет.

Темата на овогодинешниот Форум, што ќе се одржи во главниот град на Босна и Херцеговина на 11 и 12 мај, ќе биде „Ниаршоринг – перспектива за регионот“, односно претставување на потенцијалот за прераспределба на производството на европските компании во Југоисточна Европа.

- Нова економска перспектива -

„Сметаме дека ова е навистина интересна тема за која сакаме јавно да зборуваме. Тоа е нешто што во ББИ банка веруваме дека може да ја промени економската перспектива на Босна и Херцеговина во наредниот период. Секако, според информациите што ги имаме, тоа е процес кој веќе и покрај СБФ се случува, предизвикан од сите најнови глобални случувања, од пандемијата која имаше негативно влијание врз економијата, до ескалацијата на конфликтот во Украина“, рече Неџад Гушиќ, член на Управата на Босна банк интернешнал (BBI) за корпоративно банкарство и инвестиции.

Тој посочи дека се задоволни од досегашниот број на пријави и учесници, кога станува збор за инвеститорите, сопствениците на проекти и делегациите.

Присуството на 11. Сараево бизнис-форум го потврдија делегации од 33 земји од целиот свет, кои ќе презентираат голем број регионални инвестициски проекти во преработувачката индустрија, земјоделството, енергетиката, образованието, финансиите, инфраструктурата, градежништвото, услугите, туризмот и други сектори. И годинава се очекуваат голем број учесници и новинари од домашни и странски медиумски куќи.

- Турскиот министер Муш меѓу клучните учесници -

Како што рече Гушиќ, најважното име на овогодинешниот СБФ е турскиот министер за трговија Мехмет Муш со делегацијата бизнисмени.

Министерот Муш ќе биде еден од клучните говорници на воведната сесија на првиот ден од Форумот што ќе се организира во зградата на Парламентарното собрание на БиХ.

Присуството на 11-тиот Бизнис-форум во Сараево го најави и Стопанската комора на Истанбул (ИТО), предводена од претседателот Шекиб Авдагиќ. Учеството во СБФ го потврди и Комитетот за меѓународни економски односи на Република Турција (ДЕИК). Водечките луѓе од Унијата на турски банки учеснички (ТКББ), исто така, ќе земат значајно учество на 11. СБФ.

„Покрај процесот на „ниаршоринг“, СБФ ќе ги понуди и традиционалните работи што ги нуди Босна и Херцеговина, а тоа се инвестиции и развој во туризмот, односно туристичката индустрија, недвижностите. Сведоци сме дека вредноста на недвижностите во Сараево и БиХ постојано расте, што е исклучително интересно и добро, го развива градежниот сектор. Ќе имаме и панел поврзан со туризмот, заедно со УСАИД“, објасни Гушиќ.

Како што рече, ќе има и панел во контекст на јавно-приватно партнерство.

„За нас е многу важно да се започне овој процес, бидејќи сето она за што зборуваме ќе бара инвестиции во јавните работи“, рече Гушиќ за АА.

Тој смета дека е многу важно да се зборува за тоа што Босна и Херцеговина во економска смисла значи или може да значи, може да понуди.

„Какви се позитивните случувања во Босна и Херцеговина на економски план, како најдобро да се искористи, како регионот и БиХ можат да бидат врска меѓу Истокот и Западот. Ние сме земја која географски е добро позиционирана, има солидна патна инфраструктура. Земја која има исклучително вредни и напредни бизнисмени, имаме стабилен финансиски и банкарски сектор. Сето ова е позитивна приказна на која треба да се инсистира и да се стави во фокус за БиХ да стане атрактивна и инвестициска дестинација“, рече Гушиќ.

- Можност за сопственици на проекти -

„Она што нè радува особено е структурата на СБФ, а тоа е дека вториот ден од Форумот е можност каде сопствениците на проекти и оние кои сакаат да мобилизираат капитал, имаат можност да разговараат со луѓе, институции и претставници на компании и средства кои сакаат да го алоцираат капиталот. Нереално е да се очекува на тој прв состанок да се потпишат договори и да се инвестира, но многу е важно да се започне приказна и да се тргне во процес. Единствена инвестициска конференција на која, покрај јавното образование, презентации, има и панел на вториот ден, а се однесува на конкретни разговори еден на еден“, додаде Гушиќ.

Годинава на Форумот ќе бидат претставени околу 300 инвестициски проекти и бизнис-идеи, претежно од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Албанија. Сите компании од регионот кои аплицираа за проектот преку официјалната веб-страница на Сараевскиот бизнис-форум, освен за промоција и презентација, ќе имаат можност да се сретнат со потенцијалните партнери и инвеститори заинтересирани за инвестирање во економијата на регионот.

Организатор на најголемата и најважна инвестициска конференција во регионот е Босна банк интернешнал (BBI) д.д. Сараево под покровителство на Претседателството на БиХ и во соработка со стратешкиот партнер - Министерството за економија на кантонот Сараево, и акционерите на ББИ Банк - Исламска развојна банка (IsDB), Дубаи исламска банка (DIB), Абу Даби исламска банка ( АДИБ) и други партнери.

Глобален комуникациски партнер на 11-от Сараево бизнис-форум 2022 година е државната турска новинска агенција Агенција Анадолија, а официјална авиокомпанија на 11-от СБФ е Туркиш ерлајнс.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.