економија, Балкан

Во Северна Македонија продолжува растот на е-трговијата

„Пандемијата уште повеќе го нагласи тоа и сè повеќе домашните компании се адаптираат отворајќи нов канал за продажба – онлајн. Купувачите од друга страна стекнуваат дигитални вештини и ги менуваат навиките...“

Ekipa  | 16.08.2021 - Обновена : 18.08.2021
Во Северна Македонија продолжува растот на е-трговијата

СКОПЈЕ (АА) - Во првиот квартал од 2021 година вредноста на онлајн трансакциите реализирани во Северна Македонија и во странство изнесува 86,6 милиони евра, што во споредба со истиот период минатата година, кога се реализирале 49,6 милиони евра, претставува пораст за 74,6 проценти, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Ова го покажуваат статистичките податоци што ги објави Народната банка на Северна Македонија, за безготовинските платежни трансакции на виртуелните места на продажба, што се однесуваат на периодот заклучно до 30.03.2020 година.

Според податоците за бројот на реализирани трансакции во текот на првите три месеци од 2021 година, бројот и вредноста на реализираните онлајн нарачки и купувања во текот на анализираниот период покажува дека растот на е-трговијата продолжува и оваа година.

Бројот на направените трансакции во истиот период во однос на минатата година забележува пораст од 65%, што значи дека вредноста на просечната трансакција е зголемена.

Во текот на првите три месеци од 2021 година реализирани се вкупно 3.228.182 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.954.957 онлајн трансакции во текот на првите три месеци од 2020 година.

- Потрошени 65,3 милиони евра онлајн за само три месеци кон домашни онлајн продавници -

Доколку се земе предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон е-продавниците во Северна Македонија (65,3 милиони евра), наспроти вкупната вредност на онлајн плаќањата (86,6 милиони евра), се заклучува дека 75,4% од вкупната вредност на трансакциите се насочени кон домашните компании.

- Е-трговијата не е избор, туку неопходност -

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) и поранешна министерка за финансии на Северна Македонија, Нина Ангеловска, изјави дека е-трговијата не е избор, туку неопходност за компаниите да остварат раст и да стигнат до нови клиенти.

„Пандемијата уште повеќе го нагласи тоа и сè повеќе домашните компании се адаптираат отворајќи нов канал за продажба – онлајн. Купувачите од друга страна стекнуваат дигитални вештини и ги менуваат навиките, што се рефлектира и преку трицифрениот раст од 126% во вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци”, изјави Ангеловска.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.