економија

Во Белград започна Саемот за текстил „Balkan Textile Fair"

Министерот Расим Љајиќ изјави дека денес во Србија работат 29 компании од областа на текстилната индустрија чии сопственици се државјани на Турција, а од нив само во последните пет години отворени се 10 текстилни фабрики.

Bojana Stojanovic  | 28.02.2019 - Обновена : 02.03.2019
Во Белград започна Саемот за текстил „Balkan Textile Fair" (Foto: Miloš Miškov/ AA)

БЕЛГРАД (AA) - На Саемот за текстил "Balkan Textile Fair", кој денес е отворен во Белград, се претставуваат 50 излагачи од Турција, Србија, Бугарија, Хрватска, Грција и Кина, а посетителите до 2 март ќе можат да ги видат сите аспекти на текстилното производство, од ткаенини, предива, платна, облека, па се до машини за производство и обработка на текстил, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Расим Љајиќ изјави дека денес во Србија работат 29 компании од областа на текстилната индустрија чии сопственици се државјани на Турција, а од нив само во последните пет години отворени се 10 текстилни фабрики.

Љајиќ најави дека за неколку месеци ќе биде отворена уште една текстикла фабрика во Мал Зворник, а се преговара и за доаѓање на уште два произведувачи на текстил.

Амбасадорот на Турција во Србија, Танжу Билгич, оцени дека Саемот е значаен за трговските односи на Србија и Турција, потсетувајќи дека минатата година вкупната стокова размена на двете земји надмина 1,2 милијарди долари, од кои 50 милиони долари само во областа на текстилната индустрија.

Тој рече дека турските текстилни компании во Србија вработуваат околу 5.000 луѓе и дека за време на посетата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во Србија, се планира отворање на фабрика за текстил во Краљево, која би вработила 2.500 луѓе.

На 7. Саем на текстил, од 50 учесници, 32 се од Турција.Меѓу нив е и „Реч Текстил", кој долги години произведува квалитетни материјали од памук, полиестер, вискоза и ликра, а прв пат оваа година учествуваат на белградскиот саем.

Суад Реџеповиќ од оваа фирма во изјава за АА рече дека Србија во последните години се повеќе увезува текстил од странство, поради што учеството на овој Саем е чекор напред во тој правец.

„Очекуваме да се приближиме на купувачите од нашата земја. Од неодамна отворивме магацин во Нови Пазар. Тоа ќе биде од корист за купувачите, произведувачите од Србија да изберат квалитетни материјали за производство", рече тој.

Себхенем Хакџан од фирмата „Sevina Ltd" од Бугарија за АА наведе дека на нивниот штанд можат да се видат материјали за шиење , материјали за спортска опрема и за женска мода.

„Ние сакаме да ја зголемиме нашата продажба во Србија. За турскиот пазар продаваме материјали од Турција, а за пазарот на Србија произведуваме материјали во Бугарија", објасни таа и додаде дека Србија покажува сѐ поголем интерес за нивните материјали.

Анета Витковска од фирмата „3Latox" од Петроварадин кај Нови Сад наведе дека нивната машина е наменета за сечење на текстил, која во потполност е автоматизирана, поради што го привлекува вниманието на посетителите.

„Причината зошто тука учествуваме е тоа што се присутни сите фирми кои се бават со шиење и кроење, а нашата машина крои текстил. На овој Саем сме трета година. Има голем интерес, но проблемот е што повеќето заинтересирани немаат финансиска можност да ја купат оваа машина", рече Витковска додавајќи дека цените на машината се движат од 80.000 до 130.000 евра.

Саемот трае до 2 март, а влезот е слободен.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.