Riyaz Khaliq
11 Септември 2020•Ажурирај: 12 Септември 2020
АНКАРА
Велика Британија со Јапонија го постигна првиот голем трговски договор по излезот од ЕУ, за кој рече дека претставува историски момент во време на напнати трговски преговори со Брисел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јапонија и Велика Британија денеска го потврдија постигнувањето договор за слободна трговија по Брегзит. Ова е прв трговски договор на Велика Британија по нејзиното напуштање на ЕУ.
Објавата за договорот беше издадена по виртуелната средба на јапонскиот министер за надворешни работи, Тошимитсу Мотеги и британската министерка за трговија, Лиз Трус.
Трговскиот договор ќе овозможи непречени трговски односи по крајот на преодниот период на излегување на Велика Британија од ЕУ во декември.
Двете економии, обете дел од групата на најголемите економии во светот, Г20, работат на спроведување на новиот договор до јануари следната година.
Јапонија и Велика Британија водат разговори од јуни годинава, кои кулминираа денеска со договор сличен на Трговскиот договор меѓу Јапонија и ЕУ, кој е на сила од февруари 2019 година.
Велика Британија ја напушти ЕУ на 31 јануари, но сè уште е во транзиција.
Владата на Велика Британија во соопштението рече дека договорот ќе го зголеми обемот на трговијата со Јапонија за околу 15,2 милијарди фунти (20,6 милијарди долари) од постојните 37 милијарди долари.
„Деловните активности во Велика Британија ќе имаат корист од трговија без тарифи на 99 отсто од извозот во Јапонија“, рече британската Влада, нарекувајќи го договорот „важен чекор за пристапување“ кон Сеопфатниот и прогресивен договор за транспацифичко партнерство (CPTPP).
„Ова ќе им даде на деловните активности во Велика Британија порта кон Азиско-пацифичкиот Регион и ќе помогне да се зголеми флексибилноста и разновидноста на нашите синџири на снабдување.“