Bahattin Gönültaş,Muhammet Önder Erdoğan
03 Декември 2015•Ажурирај: 04 Декември 2015
АНКАРА (АА) - Претседателот на Советот за соработка на Турција и Русија во рамките на турската Канцеларија за надворешна економска соработка (DEIK), Тунчај Озилхан, коментирајќи го воведувањето на руски санкции кон Турција порача дека Турција ќе пронајде други, нови пазари и дека тоа не може да биде долгорочен проблем за државата, јавува Anadolu Agency (АА).
„И нашиот премиер Ахмет Давутоглу кажа дека ќе бидат пронајдени нови пазари. На виделина ќе излезат нови енергетски можности и сè ќе се среди. Доколку краток период има одредени проблеми, на крај можеби тоа ќе создаде добра ситуација од аспект на распоредување на ризикот“, кажа Тунчај Озилхан, коментирајќи за АА во врска со руските санкции воведени по неодамнешното соборување на рускиот воен авион кој го повреди турскиот воздушен простор.
Потсетувајќи дека Турција е една од поголемите инвеститори во Русија и дека таму се реализирани бројни инвестиции во рамките на Aнадолу Групата, Озилхан рече дека Турција во Русија има фабрики, околу 5.000 работници и брендови кои плаќаат големи даночни суми на таа земја.
„Во Русија отидовме во 1998 година, и оттогаш се реализирани голем број успешни бизниси. Како што кажаи нашиот премиер Ахмет Давутоглу, овој спор мора да се реши со дијалог на преговарачка маса и не треба да се растажат инвеститорите, трговците и работниците на двете страни. Овде доаѓаат руски туристи, ние сме две длабоко поврзани земји. Толку сме поврзани што сета енергија ја набавуваме од таму, но и извезуваме таму. Се надевам дека тензиите ќе се смират и дека функционерите од двете земји ќе седнат на маса и разумно ќе го решат проблемот во интерес на сите, а посебно нивните инвеститори“, рече Озилхан и додаде декаТурција и Русија се пријателски земји.
Во вторникот утрото, на 24-ти ноември, два авиона од типот F-16 на турските воздушни сили во тек на патролна контрола во согласност со правилникот за ангажман го предупредиле рускиот авион дека го крши турскиот воздушен простор, а потоа интервенирале.
Русија соопшти дека соборениот авион кој падна во сирискиот пограничен регион Бајирбуџак, недалеку од турскиот Хатај, ѝ припаѓал на нејзините воздушни сили. НАТО потоа ја потврди точноста на турските наводи дека руски авион го повредил турскиот воздушен простор.
Руски авиони и во почетокот на октомври го повредиле турскиот воздушен простор. Руски официјални лица тогаш упатиле извинување и ветиле дека тоа нема да се повтори. Турција тогаш го повтори ставот дека, во согласност со правилата за ангажман на воздушните сили, воено ќе одговори на повредата на нејзиниот воздушен простор.
Прва средба на високи официјални лица на двете земји е договорена за денес во 15:30 часот на маргините на 22-то заседание на Советот на министри на OSCE во Белград. Шефовите на турската и руската дипломатија, Мевлут Чавушоглу и Сергеј Лавров, ден по соборувањето на рускиот авион имале телефонски разговор, а денес и за прв пат ќе се состанат за да разговараат за овој случај.