Husameddin Gina
25 Септември 2018•Ажурирај: 26 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Не сакам тоа да се случи, ниту предвидувам да се случи, но ако не помине референдумот в недела, можна е дестабилизација на денарот“, изјави претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер, јавува Anadolu Agency (AA).
Денеска во Скопје се одржа прес-конференција на Стопанската комора на Македонија на која претседателот на Советот на странски инвеститори говореше за евроатланските перспективи на земјата.
Според Петер, една валута која ја користат 2 милиона жители, не може да преживее.
„Мое лично мислење и согласно моето образование коешто го имам добиено во оваа област е тоа дека една валута која ја користат 2 милиона жители, не може да преживее“, рече Штефан Петер.
Тој, исто така нагласи дека ќе бидат потребни интервенции од Народната банка за да се стабилизира курсот на денарот во однос на еврото.
Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, и во лично име и во име на странските инвеститори упати порака до граѓаните да излезат на референдумот в недела на 30 сепември.
„Ако граѓаните на Македонија сакаат да си го планираат животот на свој начин, а не тоа да зависи од некој друг, тогаш мора да ја искористат недела, не за кафе, не за ручек, туку да одвојат еден час, да отидат до гласачкото место и да гласаат. И потоа може да кажете дали резултатот ви се допаднал или не“, рече Штефан Петер, кој моментално е претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
Одговарајќи на новинарско прашање за прогнози од неделниот референдум, Штефан Петер истакна дека ако граѓаните на Македонија се заинтересирани за демократија, в недела ќе излезат на гласање.
„Прогнозата нам не ни дава сигурност. А ништо не е сигурно, сѐ до доцна вечер в недела. Мојата прогноза е, ако Македонците се заинтересирани за демократија, ако Македонците сакаат да си го планираат животот на свој начин, в недела ќе гласаат“, нагласи Петер на денешната прес-конференција.
На новинарско прашање, што ќе се случи доколку граѓаните на референдумот гласаат со „не“, тој одговори: „Нема да биде толку лошо, нема да биде катастрофа ако гласате „не“, сигурно е дека животот ќе продолжи.“
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија.
Дел од спроведувњето на Договорот е и одржување референдум во Македонија, кој е закажан за 30 септември оваа година. Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“