Zlatan Kapic
28 Април 2023•Ажурирај: 30 Април 2023
САРАЕВО (АА) - Измените на Уставот на Федерацијата БиХ, кои ги донесе високиот претставник, а се однесуваат на изборот на Влада на Федерацијата, насочени се кон намалување на политичките права на Бошњаците како конститутивен народ во Федерацијата, при што со овие измени трајно не се отстранети блокадите во формирањето на федералната извршна власт, порача поранешниот член на Претседателството на Босна и Херцеговина и делегат во Домот на народите на ПС БиХ, Шефик Џаферовиќ, јавува Анадолу.
„Фактичката состојба по вчерашниот ден е таква што Влада на Федерацијата не може да се избира без согласност на хрватскиот претседател на Федерацијата, а може без бошњачкиот потпретседател, што е длабоко неуставно затоа што, според Уставот, тие треба да имаат еднакви права бидејќи Бошњаците и Хрватите како конститутивни народи треба да имаат еднакви права“, рече Џаферовиќ и додаде:
„Шмит го суспендира овој принцип, а со тоа и Вашингтонскиот договор, со што нанесе огромна штета што се огледува во фрустрацијата што ја чувствува бошњачкиот народ, а целосните последици ќе бидат видливи дури во претстојниот период.“
Сосема е јасно, смета Џаферовиќ, дека целта на овие измени е елиминирање на една политичка партија од процесот на формирање на власта. Никаде во светот Уставот не се обликува со ваква цел и, во таа смисла, без дилема може да се утврди дека високиот претставник на одреден начин ги мести резултатите на политичката коалиција што ја преферира - ХДЗ и Тројката, со што внесе длабока недоверба во политичкиот систем.
„Скандалозно е што сакајќи да отстрани една партија, Шмит прибегна кон намалување на правата на еден народ. Бидејќи кој и да е денес на позицијата бошњачки потпретседател на Федерацијата, од која партија и да доаѓа, не би имал исти права како хрватскиот претседател и во тоа е суштината“, рече Џаферовиќ.
На крајот, како што рече, со вчерашните измени Шмит трајно не ги отстранил блокадите во процесот на формирање на власта. На секој што ја прочитал одлуката му е сосема јасно дека по 2026 година, на пример (пот)претседателот на Федерацијата, кој ќе има поддршка од 14 делегати во клубот на конститутивниот народ од кој доаѓа, ќе може да го блокира формирањето на власта, токму како што тоа го правел Маринко Чавара во текот на изминатите четири години.
Потсети дека високиот претставник на 2 октомври кажал дека ги отстранил блокадите во формирањето на власта, но потоа се покажало дека тоа не е така. Тоа повторно го кажа и вчера, а од одлуките сосема е јасно дека повторно не ја кажува вистината, со што го доведува во прашање неговиот кредибилитет.
„За мене лично, како и за огромен број евроатлантски ориентирани патриоти од БиХ, овој потег на ОХР и меѓународната заедница претставува разочарување. Откако во изминатите четири години соработувавме, борејќи се за продолжување на НАТО патот на БиХ, како и за зачувување на уставниот поредок, дојде сосема неочекувана и ирационална промена“, рече Џаферовиќ и заклучи:
„Меѓународната заедница не се сврти против Милорад Додик, кој ги руши Дејтонскиот договор и уставниот поредок, ниту се сврти против ХДЗ која, според признавањето на самите меѓународни претставници, четири години го блокира изборот на Влада на ФБиХ и судии на Уставниот суд. Наместо тоа, започнат е сеопфатен напад на политичкиот статус и угледот на оние што стоеја во заштита на уставниот поредок, мирот и евроатлантската ориентација на земјата. Се поставува прашањето каква порака се праќа и какво однесување се охрабрува со сето ова. Се плашам дека влегуваме во период на крајно сериозна неизвесност и ги повикувам бошњачкиот народ и сите БиХ патриоти на претпазливост, одговорност и единство во предизвиците што се пред нас.“