Alma Çekovic
01 Август 2019•Ажурирај: 02 Август 2019
САРАЕВО (АА) - Босна и Херцеговина никогаш не водела агресивна политика против ниту еден од своите соседи и главно се соочува со проблеми со нив поради нивниот патерналистички однос, изјави членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние, главно, имаме проблеми со нашите соседи поради тоа што тие се обидуваат патерналистички да се однесуваат кон БиХ, да не ја почитуваат БиХ. Е, нема да може така. Нашите односи со соседите можат да се градат само врз принципите на меѓусебно уважување, почитување, реципроцитет“, рече Џаферовиќ, коментирајќи ги односите меѓу Сараево и Загреб, кои се затегнати по наводната изјава на хрватската претседателка дека „БиХ води агресивна политика кон Хрватска“.
Џаферовиќ истакна дека смета оти помеѓу БиХ и Хрватска треба да постои дијалог, со цел решавање на сите отворени прашања.
„БиХ не бара од Хрватска ништо што не ѝ припаѓа според меѓународното право. Не е агресивна, а претседателката на Хрватска рече дека и тоа е во спектарот на агресивното, доколку БиХ се обидува да ги оствари своите права на море, ако БиХ го крева својот глас и вели ’Почекајте со изградба на Пељешкиот мост, да го дефинираме коридорот кој е вон сечиј суверенитет, во согласност со меѓународната конвенција од Неумскиот Залив до отвореното море.‘ Не е агресивно ако БиХ каже ’Немојте да ја крчмите нашата земја, немојте да донесувате закони со кои се обидувате да го отуѓите тој имот, имотот на државата БиХ, немојте да нѐ труете.‘ Не е агресивно ако кажеме ’Признајте ги правата на нашите работници кои до 1990-тите години работеа во Хрватска. Агресивно е ако на тоа се спротивставувате. Ако нешто е спорно, затоа и постојат меѓународни вистински инстанци“, рече Џаферовиќ.
Тој додаде дека, ако се согледаат сите околности, „јасно е кој е во сево ова агресивен, а кој е мирољубив“.
„БиХ е целосно мирољубива, ние водиме таква политика и ќе продолжиме да водиме таква политика, но нема да дозволиме никому да нè потценува и да се однесува кон нас патерналистички“, порача членот на Претседателството на БиХ.
Односите меѓу БиХ и Хрватска се затегнати откако хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, за време на неодамнешната посета на Израел наводно изјавила дека „БиХ е нестабилна држава под влијание на милитантниот ислам“.
Израелскиот весник „Ерусалим пост“ (Jerusalem Post) објави дека хрватската претседателка за време на посетата на Израел рекла дека БиХ е „многу нестабилна и дека во одреден поглед ја презеле луѓе поврзани со Иран и со терористичките организации“.
Грабар-Китаровиќ, одговарајќи на прашање на новинар во Ерусалим, подоцна демантираше дека говорела за БиХ во ваков контекст.
Израелскиот весник вчера попладне од својата веб-страница го тргна делот од спорниот напис на новинарката која на хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ ѝ ги припишала изјавите.