Furkan Abdula, Eren Beksaç
22 Февруари 2023•Ажурирај: 23 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Џамиите при Исламската верска заедница (ИВЗ) во Северна Македонија собраа над 512.000 евра од верниците по акцијата организирана за помагање на зоните погодени од силните земјотреси во јужниот дел на Туркије и Сирија, пренесува Анадолу.
ИВЗ информацијата ја потврди преку соопштение објавено на социјалните мрежи.
Во соопштението се вели дека вкупниот износ на донацијата собрана во рамки на хуманитарната акција започната низ џамиите во земјата за последиците од земјотресите во Туркије и Сирија изнесува 512.123 евра.
Се наведува дека материјалните средства се доставуваат на жиро-сметката на Управата за верски прашања (Дијанет) на Република Туркије.
Според соопштението, поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи, со една делегација, во име на ИВЗ и на сите верници наскоро ќе го посети претседателот на Управата за верски прашања на Туркије, проф. д-р Али Ербаш, со цел заедно да ја споделат нивната болка.
Од друга страна, исто и во џамиите во Косово се собраа околу 400.000 евра за погодените од земјотресите во Туркије.
По овој повод, поглаварот на Исламската верска заедница на Косово, Наим Тернава, го посети турскиот амбасадор во Приштина, Сабри Тунч Ангили. Тернава во изјава за АА нагласи дека овие средства се префрлени на жиро-сметката на АФАД.
Меѓу другото, со иницијатива на Здружението на бизнисмени во Призрен „Еснаф“ и Демократската турска партија на Косово, се собрани околу 102.000 евра за погодените од земјотресите во Туркије, кои, исто така, се префрлени на сметката на АФАД.