22 Февруари 2023•Ажурирај: 23 Февруари 2023
ПОДГОРИЦА (АА) - Претставниците на Социјалдемократската партија на Црна Гора (СДП) денеска до Државната изборна комисија ја предадоа кандидатурата на пратеничката на таа партија, Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ за претседателка на Црна Гора, јавува Анадолу.
Претседателските избори во Црна Гора се закажани за 19 март.
За кандидатурата на Вуксановиќ-Станковиќ предадени се 9.350 потписи за поддршка, заедно со други потребни документи според законот.
Државната изборна комисија досега ја потврди кандидатурата на претседателот на Нова српска демократија и на еден од лидерите на Демократски фронт, Андрија Мандиќ.
Кандидатура поднесе и лидерот на Обединета Црна Гора, Горан Даниловиќ, за која ДИК ќе одлучува денеска. Учество на изборите најави и челникот на Демохристијанското движење, Дејан Вукшиќ.
Демократите најавија дека нивниот кандидат ќе биде лидерот на партијата, Алекса Бечиќ, а се очекува и Демократската партија на Социјалистите наскоро да го објави името на нивниот кандидат.
Откако Државната изборна комисија не ја прифати кандидатурата на лидерот на Движењето Европа, Милојко Спаиќ, бидејќи поседува државјанство и е запишан во избирачкиот список во Република Србија, Главниот одбор на партијата вечерва треба да одлучи како ќе настапи на претстојните претседателски избори.
Крајниот рок за поднесување кандидатури е 26 февруари. На кандидатите за претседател потребни им се 8.101 потпис за поддршка.
Од ДИК претходно соопштија дека листата на кандидати за претседател ќе ја објават до 3 март.