Балкан

Ѓукановиќ: „Србија повторно шири омраза кон Црна Гора“

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ рече дека она што се работело од официјален Белград во 90-тите години од 20 век кон Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, тоа денес се работи кон Црна Гора

Adel Omeragic  | 04.03.2021 - Обновена : 05.03.2021
Ѓукановиќ: „Србија повторно шири омраза кон Црна Гора“

ПОДГОРИЦА

Односите меѓу Србија и Црна Гора денес се на најниско можно ниво, оцени црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, наведувајќи дека „Србија упорно работи на своја штета и шири омраза кон Црна Гора и на сето она што е црногорско“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Тој, одговарајќи на прашањето на новинарите од регионот на Петтиот новинарски онлајн форум, рече дека Србија најверојатно упорно работи во корист на своја штета.

Ѓукановиќ рече дека она што се работело од официјален Белград во 90-тите години од 20 век кон Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, тоа денес се работи кон Црна Гора.

„Немам никакви сомнежи дека и оваа политика денес кон Црна Гора е политика на пуштање на духот од шишето, духот на омразата кон Црна Гора“, нагласи Ѓукановиќ, и продолжи: „Се сее омраза кон Црна Гора и кон сѐ што е црногорско. Тоа непоправливо ќе ги влоши односите помеѓу нашите две држави.“

Како што додаде, тоа сега се гледа и низ кампањата која од Србија се води за локалните избори во Никшиќ.

„Битката се води со намера да се освои Никшиќ, да се освои Црна Гора. Повторно присуствуваме на експазионистичка политика на Србија кон своите соседи, во овој случај кон Црна Гора. И поради тоа нашите односи се на најниско можно ниво“, рече Ѓукановиќ.

Говорејќи за претстојниот попис на населението во Црна Гора, Ѓукановиќ рече дека за граѓанска држава каква што е Црна Гора, сознанието дали помеѓу два пописа пораснал бројот на припадниците на една нација, а опаднал бројот на припадниците на друга нација, не е од особена важност.

Затоа, додаде Ѓукановиќ, звучи неверојатно, на шефот на една држава од голем национален интерес да му е пописот на населението во друга, соседна држава.

„Станува збор, очигледно, за намера преку резултатите од пописот да се докажува тезата дека Црна Гора не е граѓанска, туку српска држава, за потоа од таа платформа да може да се оди во понатамошна реализација на политика на ’српскиот свет‘“, рече Ѓукановиќ.

Според неговите зборови, националното пребројување е важно за оние политики кои не се европски, туку националистички и шовинистички. Ѓукановиќ рече дека Црна Гора има сила да го одбрани својот граѓански и секуларен карактер, поради културата и традициите на граѓанските и антифашистичките вредности кои ги негува.

„На новата Влада ѝ ја честитавме победата на изборите и рековме - повелете, преземете одговорност за водење на државата, но ако вашиот успех на изборите сте го протолкувале како право да ја уништите или продадете или предадете Црна Гора, тогаш тоа веќе не е политичко прашање. Тогаш тоа ќе го браниме онака како што Црна Гора секогаш се бранела во текот на својата илјадагодишна историја. Тоа мора да биде јасно, за оној кој погрешно ги протолкувал изборите од 30 август минатата година“, рече Ѓукановиќ.

Тој наведе дека е реално да се очекува брзо враќање на САД во евроатланската заедница и на Западен Балкан, бидејќи претставниците на новата американска администрација се одлични познавачи на состојбите во регионот.

„На нашето искуство сведочам низ хибридната војна која од Русија е водена против Црна Гора и во 2016 и во 2020 година - кај нашите западни партнери тоа е прилично лесно третирано како црногорски проблем. Далеку е ова од само црногорски проблем“, порача Ѓукановиќ.

Истакна дека она што е применето кон Црна Гора на 30 август 2020 година, ја чека секоја европска држава во нејзиниот изборен процес.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.