Балкан

Ѓоргиев: „Препораките воопшто не допираат до идентитетските прашања“

Членовите на македонскиот тим од Билатералната комисија за историски и образовни прашања, на новинарите им ги образложија усвоените препораки за подобрување на учебниците по историја за 6 одделение во Северна Македонија и 5 клас во Бугарија

Abdula Berisha  | 15.08.2022 - Обновена : 16.08.2022
Ѓоргиев: „Препораките воопшто не допираат до идентитетските прашања“ Фото: Абдула Бериша / АА

СКОПЈЕ (АА) - Членовите на македонскиот тим од Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија на брифинг со новинарите ги образложија усвоените препораки на Комисијата за заеднички чествувања и препораките за подобрување на учебниците по историја за 6 одделение во Северна Македонија и 5 клас во Бугарија, јавува Агенција Анадолија (АА).

На брифингот беше кажано дека од нејзиното основање во 2018 година, Комисијата има одржано вкупно 23 средби.

Во изјава за медиумите по завршување на брифингот, копретседателот на Комисијата, Драги Ѓоргиев, појасни дека препораките објавени од Министерството за надворешни работи се усвоени од страна на Комисијата во текот на нејзината работа во текот на последните 4 години.

За препораките за подобрување на учебниците по историја за 6 одделение во Северна Македонија и 5 клас во Бугарија, Ѓоргиев рече дека тоа се по 5 препораки кои се однесуваат на античкиот период пресликан во македонските и во бугарските учебници за историја.

„Тоа се препораки за оние места во учебниците по историја каде нашата страна сметаше дека треба да има подобрување во бугарските учебници за одредени теми, и исто така бугарската страна сметаше дека треба да има подобрување во нашите учебници“, рече Ѓоргиев.

Тој изјави дека главната цел е да се избегнат можните недоразбирања и омраза меѓу новите генерации. Како што објасни Ѓоргиев, забелешките главно се однесуваат на историската географија, односно како се географски претставени одредени реони во учебниците.

„Препораките воопшто не допираат до идентитетските прашања. Повеќе се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период во образовниот систем на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива на современите нации и држави во антиката“, рече Ѓоргиев.

Тој објасни дека препораките понатаму треба да бидат усвоени од Владата, и да бидат земени предвид од авторите при пишувањето на идните учебници по историја.

Ѓоргиев исто така информираше дека се објавени и препораки за заедничко чествување на четири личности од средниот век: светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самуил.

Тој изјави дека и покрај политичкото охрабрување за што побрзи резултати, работата на Комисијата не е врзана со рокови, додавајќи дека „не мора да значи дека оваа комисија по секоја цена мора да изнајде решение за историските недоразбирања“.

Северна Македонија и Бугарија во 2017 година го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, а потоа формираа и заеднички комисии за надминување на недоразбирањата во областа на историјата.

Барајќи решение за отворените билатерални спорови, Бугарија не ја одобруваше преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.