Beyza Binnur Dönmez
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Правосудството во шпанскиот регион Каталонија се противи на воведувањето на новите ограничувања против ширењето на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата на обвинителот во северозападниот регион се спротивстави на владиното барање за воведување полициски час и ограничување на собирите на најмногу 10 лица.
Во писмото до Високиот суд на Каталонија, од канцеларијата на обвинителот наведено е дека таквите ограничувања на основните права се „сериозни, опсежни и многу рестриктивни“ и дека не се „неопходни“.
За воведување на мерките потребно е судско одобрение.
Спротивставувањето на новите мерки дојде ден откако Шпанија забележала најголем број на случаи од почетокот на пандемијата, повеќе од 60.000. Претходниот рекорд од 49.000 нови случаи забележан е во вторникот, со што е надминат претходниот рекорден број од јануари.
Се претпоставува дека новата варијанта на коронавирусот, Омикрон и зголемувањето на социјалните активности поради сезоната на празниците е причина за растот на бројот на случаи на Ковид-19.
Владата на Шпанија се потпира на вакцинацијата и маските во борбата против новиот бран на Ковид-19. Денеска е одобрено барањето за воведување на обврската за носење маски на отворено, а во прашање е мерка која ја најави премиерот Педро Санчез по состанокот со регионалните лидери вчера.
Во Шпанија 90 проценти на населението постаро од 12 години е целосно вакцинирано, а 74 проценти постаро од 60 години прими и бустер доза на вакцина против коронавирусот.