Ekip
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
БРИСЕЛ
Разговорите за Договорот за иранската нуклеарна програма ќе продолжат наредната недела во австрискиот главен град Виена, објави денеска дипломатската служба на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Заедничката комисија на Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA) ќе се состане во Виена в понеделник, 27 декември“, напиша Европската служба за надворешно дејствување во соопштението, користејќи го официјалното име на договорот.
Претставници од Иран, Кина, Русија, Франција, Велика Британија и Германија ќе учествуваат на состанокот со кој ќе претседава Енрике Мора, заменик-генерален секретар и политички директор на дипломатската служба на ЕУ.
Во соопштението се вели дека страните ќе продолжат со дискусиите за „изгледите за можно враќање на САД“ во договорот и средствата за „обезбедување ефективно спроведување на договорот од сите страни“.
Разговорите од минатата недела беа опишани како „добар напредок“ од сите страни по пауза од неколку месеци во преговорите поради значителни разлики.
По состанокот, Мора за новинарите изјави дека воспоставиле „многу добри работни односи“ со иранската страна, додавајќи дека постои „чувство на итност“ да се постигне договор.
Тој рече дека европските страни ги вклучиле предлозите на Техеран во текстот што се разработува, кој „ги опфаќа сите аспекти на преговорите“, што имплицира и отстранување на санкциите и нуклеарни мерки.
Дипломатите на ЕУ направија значителни напори да ги вратат Иран и САД на преговарачка маса од почетокот на конфликтот меѓу двете земји.
Договорот за иранската нуклеарна програма беше потпишан во 2015 година од Иран, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Германија и ЕУ.
Според договорот, Техеран се обврза да ја ограничи својата нуклеарна активност на цивилни цели, а за возврат, светските сили се согласија да се откажат од своите економски санкции кон Иран.
Но, во 2018 година, САД, под водство на тогашниот претседател Доналд Трамп, еднострано се повлекоа од договорот и повторно воведоа санкции кон Иран, што го натера Техеран да престане да го почитува договорот.